Меѓу другото, Фетаху порачува дека нивниот глас е потребен повеќе од кога било, а поддршката е од клучно значење.
„Македонската заедница во Албанија отсекогаш била двигател на зачувувањето на македонскиот јазик, култура и идентитет. Денес, повеќе од кога било, вашата поддршка е од клучно значење. Ве повикувам да ја поддржите единствената партија на Македонците во Албанија – Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), која се бори за нашите права и застапеност во институциите на државата“, наведува Фетаху во објава на фејсбук.
Потсетува дека регистрацијата на посебната платформа на Централната изборна комисија (ЦИК) почна на 11 минатиот месец и завршува на 4 март и оти на парламентарните избори за првпат сите албански државјани кои живеат во странство ќе имаат можност да гласаат преку пошта.
„Гласањето е бесплатно. Сите трошоци за поштенското гласање ги покрива ЦИК. Ваша е само обврската да се регистрирате на време и да го искористите вашето демократско и граѓанско право. Вашиот глас е вашата сила. Да останеме обединети и да ја зајакнеме македонската заедница. Ако сами не се цениме, сакаме и помагаме, нема кој друг да го направи тоа за нас“, порачува Фетаху.
Тој е еден од најактивните Македонци, од помладата генерација, во битката за остварување на нивните легитимни права, одејќи по стапките на неговиот татко, професор-доктор, Кимет Фетаху, по потекло од Голо Брдо, основач и почесен претседател на МАЕИ.
Инаку, посебна комисија, која работи 24/7 при албанската ЦИК, ги разгледува пријавите и во рок од пет дена апликантот добива одговор дали е прифатена или одбиена. До денеска за гласање се пријавиле 134.279, а прифатени се барањата на 81.109 граѓани, најмногу од Италија и Грција.