петок, 21 февруари 2025

Факултетот за ликовни уметности при УКИМ слави 45 години постоење

Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, најстарата и најреномирана вискокообразовна институција и центар за развој на ликовната и визуелна култура во нашата држава, оваа година одбележува 45 години од своето основање. Сите активности на ФЛУ до крајот на 2025 година ќе се случуваат во чест на јубилејот со официјален датум 31 март, информираат од факултетот.

Објавено на

часот

Сподели

Оваа недела, од 18-ти до 20 февруари, на ФЛУ се одржува значајна работилница под наслов „Од дијагностика до конзервација: Напредни методи за анализа и чистење на уметнички дела“ наменета за студентите на ФЛУ. Тридневната работилница е организирана во соработка со Катедрата за конзервација на антиквитети и уметнички дела, на Универзитетот на Западна Атика (UNIWA), Атина, Р. Грција. Работилницата се одвива со поддршка на Еразмус + и УКИМ.

Централен настан и официјална прослава на 45-годишниот јубилеј е ретроспективната изложба на 3 април во Музејот на современа уметност – Скопје. Со изложбата, ФЛУ и МСУ заеднички, ќе го претстават богатото наследство и креативниот придонес на факултетот во развојот на македонската и регионалната уметничка сцена, симболично претставувајќи го континуитетот и еволуцијата на уметничките изрази што се развиваа во текот на четири и половина децении.

„Овој јубилеј претставува повод не само да се потсетиме на нашето културно наследство и да ја прославиме нашата уметничка историја, туку и да ги препознаеме сите генерации уметници кои со своето творештво оставиле трајна трага во културниот пејзаж на Македонија и пошироко. Факултетот за ликовни уметности отсекогаш бил место на слободна мисла, креативна експресија, критичко размислување и постојано истражување на нови уметнички хоризонти“, вели проф. д-р Славица Јаншлиева, декан на ФЛУ.

Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е формиран во 1980 година, како резултат на потребата за создавање високообразовна институција која ќе одговара на растечките културни и уметнички потреби на Македонија. Основан како дел од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, ФЛУ веднаш стана центар за образование на нови генерации уметници, теоретичари и културни работници.

Меѓу основачите и првите професори се вбројуваат еминентни македонски и југословенски уметници кои ги поставија темелите на академскиот пристап кон уметноста и кои со својата визија и посветеност го обликуваа идентитетот на факултетот: академските сликари Димитар Кондовски, Петар Мазев, Родољуб Анастасов и Душан Перчинков, академскиот графичар и сликар Драгутин Аврамовски-Гуте и академскиот скулптор Петар Хаџи Бошков, кој воедно беше и првиот декан на Факултетот. Веднаш, следната, 1981 година наставниот кадар се проширува со академскиот вајар м-р Стефан Маневски, Симон Шемов и академски сликар и графичар м-р Димитар Малиданов.

ФЛУ, велат оттаму, континуирано ги адаптира своите студиски и предметни програми, во согласност современиот живот и уметнички текови, вклучувајќи покрај традиционалните и современи уметнички и трансмедиумски практики, одразувајќи ги глобалните трендови во визуелните уметности. Факултетот нуди додипломски и магистерски студии, кои опфаќаат широк дијапазон на стручни уметнички предмети и пракси, како и неопходни теоретски предмети.

Факултетот е сместен во три објекти на две различни локации, од кои едниот дел се наоѓа во културно-историскиот споменик од 15 век Сули-ан во Старата скопска чаршија, а другите два објекта се лоцирани во населбата Тафталиџе, дел од кампусот „Педагошка“. Во текот на 45-годишното постоење, редовните додипломски студии ги завршија 1530 студенти, а постдипломските студии ги завршија 323 студенти.

Јубилејната ретроспективна изложба што ќе се одржи во Музејот на современа уметност ќе биде симболичен приказ на развојот на ФЛУ низ децениите. Изложбата ќе вклучува дела на сите досегашни професори, претставувајќи го богатството и разноликоста на уметничките практики што ги развивале во своето творештво, а преку работата со студентите ги пренесувале и во рамките на наставата на факултетот.

Посетителите ќе имаат можност да видат дела што го документираат развојот на македонската современа уметност, почнувајќи од класичните техники во сликарството, графиката и скулптурата, па сè до авангардни инсталации, визуелни комуникации и дигитална уметност.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ