среда, 5 февруари 2025

Европските зелени повикуваат на итна европска поддршка за демонстрантите во Србија, кои бараат правда

Европската Зелена партија денеска повика на итна европска поддршка за тековните протести на луѓето во Србија што бараат правда, транспарентност и демократско владеење.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во соопштението на eвропските Зелени се потсетува дека демонстрациите првично беа предизвикани од смртта на 15 лица при уривање на настрешница на железничката станица во Нови Сад, додавајќи дека широката корупција и државната негрижа го поттикнале гневот на јавноста.

„Она што почна како протести предводени од студенти прерасна во национално движење, со професори, адвокати и уметници што се приклучија на повиците за демократски промени по 12 години владеење на (претседателот Александар) Вучиќ, кое станува сѐ поавторитарно и недемократско, и со репресии врз независното новинарство“, се вели во соопштението на Зелените.

Понатаму се наведува дека владата се заканува со намалување на платите на професорите што штрајкуваат, а студентите трпат насилни напади од маскирани и немаскирани поддржувачи на Српската напредна партија (СНС), која е придружна членка на Европската народна партија (ЕПП).

Копретседателката на Европската зелена партија, Вула Цеци, рече дека народот на Србија, соочен со корупција и политичко угнетување, храбро се бори за одговорност и правда и дека Зелените ги осудуваат заканите од СНС кон студентите и професорите, како и насилството предизвикано од нивната реторика.

Цеци порача дека Европската комисија мора итно да се изјасни, а не да биде пасивна.

„Европа мора да ги поддржи барањата на демонстрантите српската влада да биде отворена, транспарентна и достапна за граѓаните и да работи на исполнување на барањата на студентите за независни институции и влада што му служи на својот народ. ЕПП треба да побара од својата членка СНС да го почитува владеењето на правото“, посочи Цеци.

Вториот копретседател на Европските Зелени, Киран Каф, рече дека „идниот дом на Србија е во ЕУ“ и дека затоа Европската комисија мора да изврши притисок врз српската влада да ја брани демократијата, да биде отворена, транспарентна и достапна за граѓаните.

„Спонтаното движење во Србија ја покажува отпорноста и решителноста на народот да ги заштити своите права. ЕУ мора одлучно да застане во одбрана на демократските вредности и да обезбеди партнерство во кое овие принципи се почитуваат“, нагласи Каф.

Во Србија, Зелено-левичарскиот фронт, кој е член на Европската зелена партија од декември, им даде „целосна поддршка на студентските протести и повиците за успех на борбата против корупцијата“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ