четврток, 7 ноември 2024

Европскиот сојуз за промени ја бојкотира и координацијата кај собранискиот спикер

Европскиот сојуз за промени ја бојкотира денешната координација кај претседателот на Собранието на Македонија, Талат Џафери. Во изјава за МКД.мк, Орхан Муртезани, член на раководството и секретар за односи со јавноста на Алтернатива, вели дека во сила останува бојкотот на Собранието, во тој контекст и координативните средби што ги организира Џафери, се додека не се реши проблемот со комплетирање на Државната изборна комисија.

Објавено на

часот

Сподели

„Не учестгвуваме во координациите кај Џафери и нема ниту денес да одат пратениците од нашата пратеничка група кај него. Нашиот бојкот на Собранието останува во сила додека не се реши проблемот со Државната изборна комисија на единствениот законски начин, а тоа е член од Европскиот сојуз за промени, како опозициски блок, да го заземе испразнетото место во изборната комисија“, изјави Муртезани за МКД.мк.

Од Алтернатива, Беса и Демократско движење кои го сочинуваат Европскиот сојуз за промени нагласуваат дека мора да престанат манипулациите со Државната изборна комисија од власта, под диктат на ДУИ и Талат Џафери, кои, како што велат од овие партии, ќе сторат сѐ за партијата на Али Ахмети да го ублажат, како што нагласуваат, ивесниот изборен пораз.

Инаку, Државната изборна комисија сѐ уште не е комплетирана откако нејзиниот член Кренар Лога од Алијанса за Албанците стана министер за правда. На избор на свој член право полага и партијата на Арбен Таравари, на што од опозициската коалиција и реплицираат дека Алијанса е партија од власта. Да има свој член бара и Европска демократска партија на Аријанит Хоџа, од каде велат дека вројот на пратеници на Европскиот сојуз за промени се должи на коалиција.

Од Европскиот сојуз за промени очекуваат и практично, а не само декларативно, поддршка од македонската опозиција.

                                                                                        П.Џ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ