понеделник, 21 октомври 2024

Еврокомесарот Вархеји ќе ги собере на иста маса лидерите на Западен Балкан, присуството на Курти неизвесно

Објавено на

часот

Сподели

Средбата во Тирана е замислена како неформален состанок посветен на актуелните состојби во регионот и на подготовките на Самитот на Берлинскиот процес предвиден за во октомври во главниот град на Албанија.

Во пресрет на денешната средба, Вархеји минатата недела обраќајќи се на сесијата на Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСЦ), нагласи дека Европската комисија продолжува да го поддржува реформскиот процес во земјите кандидати за членство и државите од соседството за нивна вистинска трансформација.

Тој потенцира дека еден од главните столбови на оваа трансформација се амбициозните економски и инвестициски планови, во чии рамки за земјите од Западниот Балкан е предвидена поддршка од 30 милијарди евра.

„Овие економски и инвестициски планови веќе даваат забележливи резултати во намалувањето на социо-економскиот јаз меѓу нашите региони и нашите партнери и нивно приближување до ЕУ“, рече еврокомесарот за проширување.

Вархеји потсети дека неодамна претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен го презентираше новиот План за раст за Западен Балкан, наменет за зајакнување на економската и социјалната конвергенција преку искористување на придобивките на членството во ЕУ и пред целосното пристапување кон блокот.

Тој нагласи дека планот се базира на четири столба – приближување на регионот до единствениот пазар на ЕУ, зајакнување на регионалната економска интеграција меѓу шесте земји од Западен Балкан, забрзување на фундаменталните реформи и зголемена претпристапна финансиска поддршка.

Поддршка за европската перспектива на земјите од Западен Балкан, како и на Македонија, изрази и министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис во интервјуто за грчкиот весник „Катимерини“.

Конкретно за Македонија, Герапетритис рече дека Грција има цврста волја за интеграција на Македонија во ЕУ, во рамките на верното и доследно спроведување на Договорот од Преспа. 

Шефот на грчката дипломатија истакна дека Грција веќе игра важна улога на Западен Балкан и потсети дека минатиот месец беше одбележана 20-годишнината „од историската Декларација од Солун, во која јасно се вели дека иднината на Балканот е во рамките на Европската Унија“. 

„Нашата земја останува цврсто посветена на развојот, безбедноста, просперитетот и европскиот пат на Западен Балкан, бидејќи интеграцијата и европската перспектива се неопходни за безбедноста и апсолутниот интерес на самата Унија“, истакна Герапетритис за „Катимерини“. 

Објасни дека го поддржуваат европскиот пат на Македонија, Србија и Црна Гора, изрази поддршка и за продолжувањето на дијалогот Белград-Приштина, додека пак за Албанија,  посочи дека европската перспектива е „директно поврзана со потребата од почитување на основните правила на владеењето на правото“.

Додаде дека случајот со апсењето и притворањето на градоначалникот на Химара Фреди Белери „не е само трн во нашите билатерални односи туку и тест за владеењето на правото во соседната земја“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ