понеделник, 21 октомври 2024

ЕВН хоум ќе купува струја од ЕСМ за 60 евра за мегават час

ЕВН хоум како универзален снабдувач на струја ја прифати понудата од ЕСМ од 60 евра за мегават часови за покривање на 85 проценти од потребите. За останатите 15 проценти, на тендерот за периодот јули-декември биле пристигнати три понуди, но тие не се прифатени поради повисоките цени во однос на моменталните пазарни цени, информираа од ЕВН.

Објавено на

часот

Сподели

Од ЕВН велат дека биле пристигнати понуди од компаниите Дуферко, ЕСМ Продажба и Соле24.

„За 85 проценти од потребите на Универзалниот снабдувач ЕВН хоум, доби само една понуда, и тоа од компанијата ЕСМ со купопродажна цена на електрична енергија од 60 евра за мегаватчас, додека за 15 проценти од потребите на Универзалниот снабдувач, беа добиени три понуди, од компаниите Дуферко МК, ЕСМ Продажба и Соле24, со понудени цени кои беа за околу два и пол пати повисоки, во однос на понудената цена на ЕСМ за 85 проценти од потребите. Управниот одбор на ЕВН хоум донесе одлука да ја прифати понудата од ЕСМ за 85% од потребите, додека за останатите потреби од 15 отсто, понудите на компаниите не беа прифатени од страна на ЕВН хоум поради значително повисоките цени во однос на пазарните во моментот“, се наведува во соопштението.

Од 1 јули годинава, ЕВН продолжува да врши снабдување со електрична енергија на домаќинствата и малите потрошувачи.

„Договорот со Владата за обезбедување на универзална услуга е потпишан на 18.06.2024 по што следува процес на лиценцирање во Регулаторната комисија за енергетика. Овој процес кој е неопходен за обезбедување на континуитет во снабдувањето со електрична енергија преставува голем предизвик, поради краткиот рок до престанувањето на важноста на постојната лиценца, како и отворените прашања во однос на начинот на кој ќе се пристапи кон продолжувањето на лиценцата за периодот од следните 5 години. Под комплетен надзор на Регулаторната комисија за енергетика и согласно законските обврски и претходно утврдената методологија, во наредниот период ЕВН хоум ќе ја пресмета цената на електрична енергија по однапред утврдени влезни параметри“, велат од ЕВН.

Во крајната цена влегуваат цената по која ЕСМ ја продава електричната енергија на ЕВН хоум, цената на Преносниот систем оператор МЕПСО, цената на Операторот на пазар на електрична енергија МЕМО, како и цената на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција.

Инаку, денеска група пратеници од Коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ поднесе предлог-закон за измени на Законот за енергетика по скратена постапка со коишто, како што велат, нема да има зголемување на цената на електричната енергија за домаќинствата.

„Доставивме до архивата на македонското Собрание предлог-закон за дополнување на Законот за енергетика по скратена постапка, со кој нема да има зголемување на цената на електричната енергија за домаќинствата, односно стандардот на граѓаните ќе биде заштитен и нема да се дозволи драматично зголемување на цената на електричната енергија“, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар на владата Христијан Мицкоски.

Со поднесениот предлог-закон, како што рече, ќе се спречи зголемување на цената на струјата од 5 проценти почнувајќи од 1 јули, согласно одлуката донесена деновиве од техничката Влада.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ