четврток, 16 јануари 2025
Филип Клетников

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

ЕУ в оган!

Два медиумски наслова ми го привлекоа вниманието – известувањето за Вевчанскиот карневал „Маските в оган, вевчанци се ослободија од товарот на старата година“ и „Кос: Три земји може да внесеме во ЕУ во овој мандат на ЕК, Македонија да покаже волја за менување на Уставот“.

Да бидам попрецизен, вториот наслов и воопшто не ми го привлече вниманието, бидејќи изјавите на ЕУ-колонизаторите и губернаторите, сообразно со нивната значенско-смисловна празнотија, каде „дискурсот ја заменува стварноста“ (Фанон), покрај тоа што се одвратни, пред сè се здодевни и излитени, токму поради итерацијата на нивната празнотија, во која дискурсот, кој треба да ја легитимира бесмисленоста и перверзната баналност (на злото –  Арент) си ја брка опашката.

Бесмисленото, парадоксално на прв поглед, има смисла само кога ќе се набљудува напоредно со она што има смисла – при што таа смисла се состои во интелектуалното нотирање на отсуството на секаква смисла, единствениот ментално позитивен чин –  дијагностички по својата природа – кој свеста е способна да го произведе соочена со бесмислата.

Секако, има и друга алтернатива. А тоа е – „дека нема друга алтернатива“ – или, да се прифати бесмисленоста како врвен израз на смислата, голиот цар како божество облечено во најделикатна свила, чии фини нишки почнуваат од величествениот мев на царот, а завршуваат во трансценденталните сфери, кои, по дефиниција, се бескрајни, а кои, нели, му се недостапни на простиот и неук (и, по дефиницја – гладен!) народ, бидејќи не ја гледа новата царската руба (дискурсот на колонизаторите). И, ете ја госпоѓа Кос, се распарадирала во својата нова царска руба од најновата ЕУ-модна линија „променете го Уставот!“.

Затоа, значи, наместо да го набљудувам бесмисленото како даденост „сама по себе“, како што монадата ЕУ сака да ја набљудуваат нејзините македонски поданици – кои, секако, се колонијално неименувани, односно преименувани, што претставува еден од основните дискурзивни изрази на неприкосновена хегемонија на колонизирачите: имено, монополот врз идентитетот на другиот – како свој фундаментален, „a priori“ принцип, кој не смее да се преиспитува, туку само да се почитува и боготвори (кога ЕУ никогаш не ја напуштила својата феудална теократија дури ни кон земји од геополитичкиот ранг на еден БРИКС, не треба да нè чуди што ја применува спрема нас во изобилстово!) – овде ќе го сопоставам тоа ЕУ-бесмислено со она што има смисла – Вевчанскиот карневал.

Смислата на карневалите е нивната прочистувачка функција. Подражавајќи го грдото и злото, тие наедно се ослободуваат од него, при што психофизичкото прочистување кое се состои во самиот чин на „радоста на месото“ (carne) е употполнето со психосимболичко – чинот на палењето на маските, кои го означуваат триумфот над злото, лагата и опсената кои сакаат да се подметнат на местото на животот и стварноста.

И ете ја, соочена со смислата, веднаш се разоткрива пред нас бесмиленоста: имено, тоа што ние безмалку триесет и пет години од „осамостојувањето“ не смогнуваме да го завршиме овој политички карневал наречен „евроинтеграции“ и да ја запалиме маската наречена „ЕУ“! Без малку триесет и пет години ја исповедаме бесмисленоста како смисла, не гледајќи дека првава единствено добива смисла кога ќе биде согледана како бесмисленост и следствено на тоа бидува тргната од лицето на смислата и фрлена во оган!

Кратко и јасно: никако да се ослободиме од товарот на ЕУ!

Зошто товар? Затоа што повеќе од три децении мижиме пред фактот дека „евроинтеграциите“ значат етапна македодезинтеграција! Затоа што повеќе од три децении македонското општество е пред сè заложник на уцените, притисоците, шиканирањата, заканите и безобразните замешателства во секоја општествена сфера од страна на ЕУ! Затоа што ЕУ економски, политички и културолошки нè разнебитува, стигматизира и маргинализира: економски – бидејќи веќе и врапчињата знаат што се фамозните „странски инвестиции“: бесплатни ресурси и евтина работна сила, формулата на неолиберализмот кој го реставрира (нео)колонијализмот врз Глобалниот Југ (Мбембе), и тоа сега во усовршена, поевтина верзија (колонизираните сами си се колонизираат, подредувајќи ги своите институции – извршна, законодавна, судска власт – да ја вршат работата што порано ја вршела колонијалната војска и администрација); политички – затоа што ЕУ помазува влади (губернатори) и ја монополизира сета правно-политичка моќ во својата губернија, претставувајќи ја притоа како божем слободна; и културолошки, затоа што разни самоповикани навивачи на часовници, политичко-амбасадорски алапачи и слични други чиновници од најнизок ранг во соработка со разноразните домашни „домородни интелектуалци“, облечени во „одвај скриената желба да се асимилираат себеси во колонијалниот свет“ (Фанон) го проектираат комплексот на безвредност (меѓу другото, преку добро познатите „невладини“!) врз домородците, кои се редуцирани, како што бескомпромисниот Фанон повторно ќе забележи, на ранг на животни. (Секако, самопрогласените домашни „прогресивци“ и „домородни интелектуалци“, гласно молчат за сите овие аспекти, кои веќе подолго време во академско-интелектуалната заедница се елаборирани во студиите посветени на деколонијализмот – дотолку повеќе што македонскиот проблем претставува – за жал! – уникатен и недоволно проучен предмет!).

Безмалку три и пол децении, наместо да бидеме, ја трошиме енергијата како општество или обидувајќи се да докажеме на некој друг дека сме, или верифицирајќи ја неговата негација со застрашувачка страст за покорност кон колонијалниот господар („камшикарот“!), чија патологија допрва чека да биде социопсихолошки анализирана! Безмалку три и пол децении нè убедуваат и се самоубедуваме дека сме неспособни, корумпирани, инфериорни, додека мижиме пред сеопшт психосоцијален инженеринг на свеста (вулгарно, но наедно и доста прецизно,  како што тоа е секогаш случај со народните мудрости, познат како „mind-fuck“) и колективниот идентитет, наместо да се занимаваме со самите себе, со сите свои недостатоци (кои и на славната возвишена ЕУ не ѝ се куси, впрочем, би можеле нешто и да научиме од неа на тој план:  олигархија до коска, корупциски скандали и нетранспаретност, препишани докторати, „зомби-економија,“, масовна недоверба во системот, заташкувања, (на пример, грчката финансиска криза) (авторитарна) цензура … ако сакате повеќе, пребарајте си сами – ако имате време!) – но и со своите доблести!

А кога, пак, станува збор за вториве, ЕУ може нешто да научи од нас (каков ли само ЕУ-ерес, ЕУ да учи од нас нешто добро!): ние немаме традиција на расизам и двојни стандарди кон истиот, не затвораме граници пред бегалци и проколнатници (Лампедуза), ниту, пак, сме шарале и барале „револуции“ во нивните земји, ниту, пак, ги експлоатираме тие што стигнале во „градината Европа“ во име на Капиталот, кого нагалено го викаат „демократија“ –  читајте ја книгата „Татковина и миграција“ (2021) на Свенја Кик, романот „Шлаканица“ од Абас Кидер (2016)…  (но затоа се самоексплоатираме во името на таа „демократија“), ние не бараме од другите „да не бидат, да снебидат“ (Ниче; патем, повторно, тоа, нагалено се вика „демократија“!)…

Кратко и јасно:

Аман веќе од таа ЕУ!

Доста веќе со таа ЕУ!

Доста е веќе од губернатори! Доста е веќе од Солана, Фуере, Хан, Туск, фон дер Лајен, Кос…

Фрлете ги најпосле маските во оган и покажете си го лицето! Додека сѐ уште го имате – какво, такво!

ЕУ – nevermore!

Филип Клетников

КОЛУМНИ

Стефан Митиќ

Светските власти ја затегаат мрежата околу Тик ток

Рајко Пеколски

Доктори на неуки

Ристо Цицонков

До сите претходни влади и градски управи од 1998 година наваму:...

Бранко Прља

Може ли вештачката интелигенција да биде терапевт?

Алис Тејлор

Еден чекор напред, два чекори назад: Албанија и Зелената агенда

Јове Кекеновски

Задоцнето хистерично врескање против Али Баба наместо кон бандата арамии соучесници

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ