недела, 28 април 2024

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Македонија не е северна и не е холандска колонија, губернаторе Коп!

Имено, Вашето обраќање може да се земе за школски пример на курсевите по деколонијални студии; во таа смисла, некои, превосходно африкански теоретичари, претпочитаат да говорат за неоколонијализам, и тоа е имено коректниот израз, затоа што упатува на фактот дека колонијализмот не му припаѓа на минатото, туку само го менува својот опсег, истовремено задржувајќи ги своите основни особености. Oбјект на колонијализмот не се повеќе само инфериорните (т.е. фабрикувани како такви) раси, туку и „инфериорните“ нации. Кои се овие основни особености, значи, на неоколонијализмот, егземплифицирани во Вашето обраќање? (Во таа смисла, Ви ја препорачувам книгата, „Проклетите на земјата“ од Франц Фанон.)

1.  Најрпвин, Фанон ќе рече: никој не ги познава подобро колонизираните од колонизаторите, затоа што тие ги измислија [колонизираните]. Основна идеолошка појдовна точка на колонијалистичкиот менталитет е конституирањето на колонизираните од страна на колонизаторите. Има ли подобар пример за тоа од насилното преименување на Македонија во „Северна Македонија“ (колонизираните не се прашани, нивните намесници подобро знаат кои се тие од самите нив) од узурпација на идентитетот на колонизираните од страна на колонизаторите, кој својот климакс го достигнува во значенското брутализирање на другоста на колонизираниот: ние за Вас сме „Вашата земја“, „домородци“ без свој идентитет, историја, култура, едно социјално ништо кое постои за да биде одредено од и подредено на интересите на колонизаторите. Во тој контекст, говорите за некакви си пари на холандските даночни обврзници кои ги давале на „домородците“ – т.е. на нивните намесници; би било убаво да го прочитате и Ахиле Мбембе, кој всушност говори за експлоатација на глобалниот југ од страна на глобалниот север, на кој превосходно припаѓате и Вие и Вашата Унија, а која глобалниот југ (на кој припаѓа и „Северна“) го користи како аморфна база на ефтина и незаштитена работна сила, ефтини суровини отуѓени од луѓето кои ги произведуваат и земјата на која  припаѓаат. Оваа забелешка, колку да знаете чии се всушност парите на  „даночните обврзници од Холандија“!

2. Бидејќи, во светогледот на колонизаторите, колонизираните се безличните, како што Фанон вели, анимални „домородци“ сведени на животни, единствено колонизаторите (Вие)  знаат што колонизираните („Вашата земја“) сакаат и што им треба. Нема алтернатива, освен колонијалниот ordo sacerdotis, a тоа, преведено во локалниот неолиберален жаргон, е ЕУ. Што се случува доколку колонизираниот сака да беседи со колонизаторот на еднакво рамниште, засновано на реалноста, а не на жаргонот на колонизаторот, кој, како што вели Фанон, воопшто не е глупав и добро знае дека жаргонот не е замена за реалноста? „Сите медитерански вредности [nota bene, амбасадоре Коп!], триумфот на индивидуата, на просветителството и Убавината се претвораат во бледa, безживотнa бижутерија. Сите овие дискурси се испоставуваат како збирштина од мртви зборови. Овие вредности за кои се смета дека ја облагородуваат душата се испоставуваат како безвредни“. Каде е индивидуалноста на Македонците, „амбасадоре“ Коп, каде е нивната самобитност, нивната дејственост, нивната страна (не дај боже!) од дискурсот? Дали воопшто, „амбасадоре“ Коп, ја земате предвид? Или, во својство на „губернатор“ Коп, им кажувате на колонизираните кои се, што се и што треба да бидат?

Така, откако, сосема во духот на колонијалниот дискурс, нѐ сврстувате како аморфните други, означени и одредени од колонизаторите (ЕУ), лишени од автономна дејственост, удобно се распојасувате во својот, како што натаму вели Фанон, „Манихејски свет“. А во тој свет, само ВИЕ, колонизаторите, имате вредности и право, додека колонизираните го олицетворуваат „не само отсуството на вредности, туку самата негација на вредностите“ (Фанон). Во тој свет, во светот конструиран од Вас, колонизаторот, ВАШИТЕ вредности и ВАШЕТО право a priori се дизајнирани во рамките на оваа фундаментално нееднаква манихејска матрица секогаш да посочуваат на колонизираниот како оној кој е виновен. Токму затоа, немеете на седум јазици кога станува збор за пресудите на Меѓународниот суд во однос на македонското малцинство во Бугарија и Грција и (не)славната „привремена спогодба“ прекршена од страна на ВАШАТА Унија (блокадата на Грција), кога станува збор за принципот на самоопределување како основа на хуманистичкото право (ius cogens): важно е само ВАШЕТО право и ВАШИТЕ вредности (Истамбулската конвенција), и тоа само на оној начин како што Вие ги октроирате над колонизираните.

Велите дека денешниот геополитички контекст е во најмала рака сложен и дека ова не е бајка. Единствено тука не го силувате, како што повторно вели Фанон во својата минуциозна анализа на менталитетот на колонизаторите, здравиот разум, чие очигледно негирање го конституира колонијалниот Манихејски дискурс. А сложен контекст никако не може да значи безалтернативност и колонијална (анти)бајка во која колонизаторот, кој исклучиво има право да наречува идентитет и „вредности“ е секогаш во право, а колонизираниот е секогаш виновен.

Разбудете се, „амбасадоре“ Коп, од Вашата „бајка“! Ние не сме холандска колонија, а вие овде не сте губернатор или богопомазан проповедник пред домородната паства, па да ни кажувате со старозаветна (или ЕУ-заветна) строгост кои (не) сме, каде (не) треба да одиме и кои (не) треба да бидеме, колку нецивилизирани сме и на што ставате акцент вие во Холандија.

Можеби наместо тоа треба да размислувате за извинување до вашите поранешни – и сегашни (Мбембе) – колонии, почнувајќи од „Вашата земја“, која, ние, ете сакаме да си ја викаме Македонија?

                                                                                                                                             Филип Клетников

(Авторот е магистер по средновековни студии и докторанд на Катедрата за германистика и скандинавистика при Орегонскиот универзитет во Јуџин, САД)

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Стиропор фасади – да или не?

Мурат Алиу

И сега, со ЕУ сме или со Русија?

Рајко Пеколски

Дoзвола за непостоење

Маја Кадиевска Војновиќ

Буџетот е во хаос, долгот и неплатените обврски на државата гaлопираат

Џефри Д. Сакс

Конкурентноста на Кина и злобните американски критики

Слободан Ташовски

Поддршка за иницијативата „Дипломатијата огледало на Македонија“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ