Трамп ја презеде главната улога во мировните преговори за Украина. ЕУ веќе не е поканета на тие преговори. Хаосот со царините продолжува. Канада, Мексико, Кина, ЕУ… допрва ќе треба да одговорат на царинската војна која Трамп ја почна со првиот ден од мандатот. Членка на НАТО го загрозува територијалниот интегритет на друга членка на НАТО – прашањето за Гренланд… Како сега НАТО ќе се однесува? Во ЕУ веднаш почна да се размислува за нов ЕУ-воен сојуз, без САД. На НАТО со Трамп на чело во ЕУ веќе никој и не верува.
Акцијата на Трамп за мир во Украина е обид да се скрие изгубената војна на НАТО во Украина. Се крои мировен план заедно со плановите колку и каде оружје да се прерасподели. Заедно со рудните богатства на Украина и нејзината плодна почва…
Сето ова претставува сериозно пореметување на сите досега познати стратегии, геостратегии, распределба на моќта… ова е вистински земјотрес во светската политика. И тоа не е сѐ.
Нов шериф во градот! Ова беше пораката на американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс на првиот ден на Минхенската безбедносна конференција упатена до лидерите на ЕУ. Венс ги нападна политиките на естаблишментот, ја повика Европа да ја ограничи имиграцијата и ги спореди лидерите на ЕУ со советските комесари зашто ја критикуваат крајната десница и ја цензурираат слободата на говорот. Покрај тоа, кажа дека најголемата закана за Европа не доаѓа од Русија или Кина, туку одвнатре, од напуштањето на суштинските вредноси и начела.
„Ова се нови Соединетите Американски Држави, јасно е дека веќе ги нема оние на кои што Европа беше навикната со децении. Ова би можел да биде повик за будење за Европа“, кажа поранешен висок европски дипломат.
Обраќањето на Венс беше проследено со молк во салата, а подоцна и осудено од неколкумина високи политичари. Германскиот министер за одбрана Борис Писториус кажа дека зборовите на Венс се неприфатливи. Сајтот „Политико“ објави дека зборел со 14-мина учесници на конференцијата и повеќето изразиле гнев и шок од говорот на Венс. „Тоа беше лудо и загрижувачки“, изјави еден германски функционер.
Трамп, пак, кажа дека говорот на Венс бил „многу добар, поточно брилијантен“.
„Колку сум нервозен поради САД? Да бидам искрен, загрижен сум за Европа. Не треба да се фокусираме на она што се случува во САД и на она што го рекол Трамп. Веќе заостануваме три чекори. Прашањето е што ќе направиме во врска со тоа“, изјави бившиот литвански премиер Габриелиус Ландсбергис.
ЕУ веќе со години е во криза, финансиска, економска стагнација, заостанување во однос на Кина, зајакнување на крајната десница, со губење на идентитетот како унија… и сега наеднаш се најде пред нов предизвик – што со САД?
Европските лидери се во шок од симултанката на Трамп во однос на мировните преговори за Украина. За кого сега да се борат – за себе или за Украина која беше прогласена како браник на ЕУ вредностите? Франција и Германија ја губат улогата на столбови на Унијата. Се размислува за некоја нова европска структура, ама во ова меѓувреме, мандатот на Трамп, треба нешто да се прави. Ова значи и криза во НАТО.
На 7 и 8 февруари во Мадрид, Шпанија се одржа Самит на лидерите на европската трансатлантска партија „Патриоти за Европа”, трета по број на пратеници во Европскиот парламент. Се собра крајната десница. По изборите за Европскиот парламент во 2024 година, повеќето од нејзините европратеници седат во групата „Патриоти за Европа“. Бирократите на Брисел ја уништија Европа, рече во Мадрид премиерот на Унгарија Виктор Орбан. „Поради Брисел, европската економија полека тоне. Заради Брисел нашите пари се испраќаат во Украина, во безизлезна војна. Поради Брисел, Европа е преплавена со мигранти. Брисел ги отвори портите, ги отвори границите за инвазија на мигрантите. Џорџ Сорос најави: еден милион мигранти мора да се пропуштаат во Европа секоја година. Еј, во последните девет години девет милиони мигранти пристигнаа во Европа. Инвазијата на мигрантите во Европа, размената на населението, не е теорија на заговор, туку реалност! Време е да се бараат ‘нови теории на заговор’, бидејќи сите стари се остварија!“
Со слоганот „Вашето време заврши!“ на самитот во Мадрид, лидерите на крајната десница во Европа најавија дека ќе бидат главни партии во ЕУ. Партијата Патриоти за Европа соопшти дека ќе почне „повторно освојување“ на власта под знамето „Направи ја Европа повторно голема” (Make Europe great again!) – новото „нормално” во Брисел и низ Европската Унија, како стратегија за преземање на власта од социјалистите, либералите и Европската народна партија.
Повеќе од очигледно е дека го преземаат слоганот на Трамп во САД „Make USA great again!” Патриоти за Европа сметаат дека неодамнешното враќање на Доналд Трамп во Белата куќа сигнализира дека е време Европа да се промени!
„Живееме во историска ера и нашата порака до сите стари лидери од Макрон до Шолц, до шпанецот Педро Санчез е – вашето време е завршено. Вие сте историја“, изјави Герт Вилдерс, лидер на Партијата на слободата од Холандија пред околу 2.000 луѓе на самитот во Мадрид.
Целта на Патриоти за Европа сега е да обезбеди мнозинство во националните влади и во одлучувањето во Европската Унија, каде што само унгарскиот премиер Виктор Орбан моментално има место во Советот на ЕУ.
„Мораме да го сториме она што ни го кажа Трамп, да се бориме, да се бориме, и да се бориме! Мораме повторно да ја освоиме Европа која е наша и која нам ни припаѓа – христијанска Европа“, рече Андре Вентура, лидер на партијата Доволно од Португалија.
За Ле Пен изборот на Доналд Трамп не може да се анализира како обична промена во една демократска земја. „Се соочуваме со вистински глобален пресврт… Сите разбираат дека нешто се смени. Во меѓувреме, Европската Унија се чини дека е во состојба на шок“, рече таа.
Основни задачи на Патриотите за Европа се националниот суверенитет, традиционалните вредности и одбраната на слободата на говорот и безбедноста.
Во Европскиот парламент, Патриоти за Европа има 86 европратеници и е трета по големина група по Европската народна партија (ЕПП) и Социјалистите и демократите (С&Д).
„Потребно ни е враќање на реалните политики засновани на слободен пазар и силни национални држави. Ниту либералите, ниту прогресивците, ниту социјалистите – само патриотите можат да ја направат Европа повторно голема“, рече Петр Мацинка од Чешка.
Ние повеќе не сме само иднина! Ние сме вистинската непосредна иднина на Европа и светот, порачаа од Патриоти за Европа.
Останува да се следи што сѐ ќе се случува во блиска иднина.
Александар Стојановски, Брисел