понеделник, 16 декември 2024

ЕУ го усвои 15-тиот пакет санкции против Русија

Советот на ЕУ денеска го усвои 15-тиот пакет рестриктивни мерки што имаат цел дополнително да ја ограничат способноста на Русија да води војна против Украина. На списокот на санкционирани поради заобиколување на санкциите се и деловни субјекти надвор од ЕУ, вклучително и од Кина, Индија, Србија, Иран и ОАЕ.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Новите мерки треба да го решат проблемот со заобиколување на санкциите, а се насочени кон руската „флота во сенка“. Овие мерки треба да придонесат за слабеење на рускиот воен и индустриски комплекс.

„Овој пакет санкции е дел од нашиот одговор, кој има цел да ја ослабне руската воена машина и оние што ја овозможуваат војната, вклучително и кинеските компании“, рече високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас.

Калас рече дека ЕУ ќе биде со Украинците на сите фронтови – хуманитарниот, економскиот, политичкиот, дипломатскиот и воениот. „Нема сомнеж дека Украина ќе победи“, истакна таа.

Конкретно, Советот на ЕУ се согласи на листата на санкции да додаде 54 лица и 30 ентитети одговорни за активности што го поткопуваат или претставуваат закана за територијалниот интегритет, суверенитет и независноста на Украина.

Меѓу санкционираните лица се и луѓе одговорни за депортација на деца и за пропаганда, како и високи менаџери во водечки енергетски компании.

Кај ентитетите, главната цел на ЕУ се руските одбранбени компании и бродски компании одговорни за транспорт на нафта и нафтени производи по морски пат, кои обезбедуваат важни приходи за руската влада. На списокот се наоѓаат и хемиска фабрика и цивилна руска авиокомпанија.

За прв пат, ЕУ воведува целосни санкции (забрани за патување, замрзнување средства, замрзнување на економски ресурси) против различни кинески актери што снабдуваат компоненти за дронови и микроелектронски компоненти.

Списокот на бродови што се предмет на забрана за пристап до пристаништата и давање услуги во поморскиот сообраќај е проширен за 52 пловни објекти, и сега вкупниот број е 79. Станува збор за танкери, бродови што транспортираат воена опрема или украдено украинско жито и се дел од „флотата во сенка“ на рускиот претседател Владимир Путин.

Во трговскиот сектор на листата на оние што директно го поддржуваат рускиот воено-индустриски комплекс се додадени 32 деловни субјекти.

Некои од нив се од земји надвор од ЕУ – Кина, Индија, Србија, Иран и ОАЕ, и се вклучени поради заобиколување на трговските ограничувања на ЕУ или набавката на „чувствителни“ предмети што се користат за руски воени операции, соопшти Советот на ЕУ.

Освен тоа, Советот одлучи да го забрани признавањето или извршувањето на пресудите донесени од руските судови според Законот за арбитража во ЕУ, а роковите за отуѓување имот во Русија се продолжени.

Советот на ЕУ соопшти дека релевантните акти наскоро ќе бидат објавени во службениот весник на ЕУ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ