Предметниот економски оператор, посочуваат, не ги почитувал одредбите од договорот уште од самиот почеток во февруари годинава, така што и претходното раководство на РЕК Битола имало основа за раскин на соработката, но тоа не било направено.
„Носителот на набавката во континуитет не ги почитувал предвидените обврски за одговорно, целосно, стручно, квалитетно, совесно и навремено извршување на задачите согласно техничката спецификација. Поради неиспорачаните количини кои РЕК Битола веќе ги имал предвидено во планот за производство на примарна енергија и кршењето на договорните обврски од страна на предметниот оператор, Комбинатот бил доведен во ситуација да врши дополнителна набавка на јаглен од надворешни фирми за да овозможи стабилна и континуирана работа на блоковите во ТЕ ‘Битола’. Исто така, со несоодветната динамика за отстранување на меѓуслојните јаловински маси при експлоатација, ја нарушил геомеханичката стабилност на рудникот Брод Гнеотино“, велат од АД ЕСМ.
Во меѓувреме, како што нагласуваат, РЕК Битола со реорганизација на работните процеси ќе се обиде да го премости периодот без надворешна механизација преку зголемување на ископот на јаглен од рудникот Суводол, како и со набавка на јаглен од постојните договори со економски оператори.
„Земајќи ги предвид сите законски можности, со спроведување на транспарентни и недискриминаторни постапки согласно Законот за јавни набавки, компанијата ќе креира платформа за лојална конкуренција, со можност за пониски цени на договорните услуги и ќе овозможи непречено функционирање на работните процеси. На тој начин ќе се обезбеди континуиран дотур на јаглен за производство на електрична енергија и стабилно функционирање на македонскиот електроенергетски систем“, порачуваат од АД ЕСМ.