сабота, 19 октомври 2024

Ерменија од ОН бара итен состанок за Нагорно Карабах

Објавено на

часот

Сподели

Во своето писмо до претседателот на Советот за безбедност од 11 август, ерменскиот амбасадор во ОН Мхер Маргаријан пишува дека народот на Нагорно Карабах е „на раб на целосна хуманитарна катастрофа“.

И Ерменија и сепаратистичките власти во Нагорно Карабах соопштија дека Азербејџан го блокира регионот од декември, што резултирало со недостиг од храна, лекови и енергија.

Тензиите дополнително ескалираа откако Азербејџан во јуни ја заостри блокадата на контролниот пункт поставен во април на патот познат како коридор Лачин, единствената врска меѓу Ерменија и отцепениот регион, тврдејќи дека во возилата на Црвениот крст се откриени „разни видови шверцувана стока која доаѓа од Ерменија“.

Осврнувајќи се на блокадата, ерменскиот премиер Никол Пашинјан на 11 август кажа дека забраната за испорака на хуманитарна помош претставува „геноцид“.

Пашинјан го предупреди Азербејџан на, како што кажа, „поништување на историската прилика за мир“ меѓу двете јужнокавкаски нации.

Азербејџан негира дека го блокира Нагорно Карабах и нуди алтернативна рута за снабдување преку градот Агдам, кој се наоѓа источно од регионот и е под контрола на Баку.

Меѓутоа, властите во Нагорно Карабах ја одбија таа понуда, истакнувајќи дека блокадата на коридорот Лачин од страна на Азербејџан е кршење на договорот за прекин на огнот од 2020 со посредување на Москва, а кој е 5 километри широкиот појас го стави под контрола на руските мировни сили.

Група експерти на ОН издаде соопштение на 7 август, изразувајќи вознемиреност поради тековната блокада на коридорот Лачин од страна на Азербејџан, за која кажаа дека довела до страшна хуманитарна криза во Нагорно Карабах.

„Со укинување на блокадата, властите (на Азербејџан) можат да ги олеснат маките на илјадници луѓе во Нагорно Карабах и да овозможат непречен проток на хуманитарната помош до цивилното население“, кажаа експертите.

„Неопходно е да се обезбеди сигурност, достоинство и добросостојба на сите поединци во ова критично време“, порачаа тие.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ