Изворот тврди дека трите страни, односно Турција, Русија и Украина, во моментов го имаат текстот на документот, пренесува рускиот независен весник Нова Газета Европа, со седиште во Летонија. Нацртот е заснован на документите од првите преговори во Истанбул, а во новиот текст се внесени некои од формулациите од мај 2022 година.
Мировната иницијатива може да ја поддржат поголем број европски политичари, како и земји од глобалниот југ, се наведува во текстот.
Во документот се истакнува дека меѓусебна обврска на Соединетите Американски Држави и Русија е да не користат нуклеарно оружје под никакви околности, и повикува на обновување на Договорот за ограничување на стратегиското вооружување (СТАРТ-3).
Документот предвидува и забрана на мешање во внатрешните работи на друга земја на кој било начин кој би можел да ја дестабилизира нејзината власт, како и замрзнување на војната долж постоечката линија на фронтот. Наведени се и обврски да се одржат референдуми во 2040 – национален референдум за надворешната политика на земјата, како и референдуми под меѓународна контрола на сите украински територии кои Русија ги припои.
Нацртот предвидува гаранции за неутралниот статус на Украина сè до 2040 година, и размена на заробеници „сите за сите“, а од Русија се бара да не се противи на придружувањето на Украина на Европската Унија.
Рускиот весник оценува дека веројатноста за усвојување на овој нацрт договор е мала, бидејќи ова е најмалку деветти проект од ваков вид. Меѓутоа, наведува Нова Газета Европа, самиот факт на неговото појавување укажува дека меѓународната заедница и одделни земји продолжуваат да вложуваат напори да најдат начин за крај на конфликтот.