Учеството на курсот организиран од УНКТАД во соработка со Факултетот е во рамките на спроведувањето на Меморандумот за соработка склучен помеѓу Народната банка и Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со којшто се обезбедува простор за поголем придонес на Народната банка во образовниот процес и во едуцирањето на идните и на постојните кадри.
Kурсот којшто е од меѓународен карактер е посветен на врските помеѓу меѓународната трговија, инвестициите и финансиите, во контекст на унапредувањето на регионалните трговски договори, како и осмислувањето и воведувањето нови, подобрени развојни економски политики.
Како што се наведува во соопштението, Народната банка даде свој придонес во делот на курсот посветен на мултилатералниот трговски систем и носењето на трговската политика. Експертките од Народната банка, Дијана Јаневска-Стефанова, самостојна советничка и Весна Стојчевска, раководителка на Отсекот за движења во надворешниот сектор од Дирекцијата за монетарна политика и истражување, одржаа одделна сесија којашто беше посветена на економската интеграција на земјите од Источна Европа во форма на размена на стоки со странство и директни инвестиции, анализирајќи ги минатите и актуелните трендови.
На оваа сесија, вниманието беше насочено кон динамиката и промената на географската насока и производната структурата на надворешната трговија кај земјите во Источна Европа, поделени во три посебни групи земји (балтичките земји, земјите од Централна и Југоисточна Европа и земјите од Западен Балкан), во последните три декади. Во вториот дел беа разгледани динамиката и структурата на директните инвестиции во земјите од овој регион, како и нивното влијание врз трговската структура. Исто така, посебно се обработија трговските и инвестициските врски на македонската економија и прашањето дали и колку забележаните промени соодветствуваат со искуствата на останатите земји од анализираниот регион, но и влијанието на последните настани од светското економско окружување врз нив, се посочува во соопштението од Народната банка.