вторник, 22 октомври 2024

Економски раст, посилна армија, развиено земјоделие, силни општини, ветуваат идните министри

Економски раст, вложување во стратешки проекти, посилна армија, нов лист во земјоделието, развиени општини, заштита на културното наследство се само дел од ветувањата на кандидатите за идни министри од ВМРО-ДПМНЕ кои во пресрет на избор на новата влада преку видео обраќања на фејсбук ги споделија ветувањата со граѓаните.

Објавено на

часот

Сподели

Предолго државата беше ставена на маргините. Затоа како министер за финансии ќе работам за пониски даноци, за поголема правилна дистрибуција на капиталот, за капитални инвестиции, за економски раст и развој, ветува кандидатката за министерка за финаснии Гордана Диммитриеска Кочоска во видео обраќањето на нејзината фејсбук страница, а во пресрет на изборот на новата влада кој треба да заврши најдоцна до полноќ.

„Не сум човек кој се помирува со зададената судбина, затоа што цврсто верувам дека на крајот сите ние ја создаваме промената. Борбата за повисок животен стандард е можна само ако го дадеме сите максимумот. Тие што ме познаваат добро знаат дека реагирам на секоја неправда, се борам за секој човек во кој верувам. Македонија мора да ја промениме. Тоа започнува со новата влада. Верувам во капацитетот на секој еден човек. Доаѓа време во кое државата треба да му врати на народот“, вели Димитриеска Кочоска.

Кандидатот за министер за земјоделство шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски пак ветува дека ќе сврти нов лист. Земјоделецот нема да биде повеќе социјална категорија, туку еден од столбовите на економијата.

„Јас сум земјоделски инжинер, потекнувам од земјоделска фамилија, раководев со земјоделски ресори и работев во МЗШВ долги години. Драги земјоделци знаете дека сум еден од вас, ваша тврдина и ваш најголем пријател. Следуваат години на развој на земјоделието. Инвестиции во откупни центри и преработувачки капацитети. Доаѓа време кога сите вие ќе бидете среќни, затоа што вашиот труд ќе се исплати“, ветува Трипуновски.

Како министер за локална самоуправа заедно со општините ќе работиме на создавање на проекти и вредности кои ќе значат решенија на долгогодишните проблеми, ветува кандидатот за министер за локална самоуправа, Златко Перински.

„Ќе се борам за секој еден проект и секој еден од вас ќе има пристап до мене и ќе има отвореност од моја страна за секој ваш предлог или проблем. Апатијата, разочараноста ја чувствуваме сите, во хаосот кој го наследуваме од претходниците за жал живееме сите. Секој мој чекор ќе биде за вас“, вели Перински во своето видео обраќање.

Поминавме многу заедно. Победивме власт која долго ја девастираше Македонија потопувајќи ја во криминал и во корупција.  Како министер за транапорт и врски ќе дадам сѐ од себе да се почувствува разликата, ветува Александар Николоски.

„Нови автопатишта, пруги, брзи железници, нови експресни патишта и многу други работи. Како и да ги завршиме веќе започнатите, автопатот Охрид Кичево, експресниот пат Велес Градско и останатите кои чекаат на реализација“, вели Николоски.

 

Со години Армијата беше оставена на маргините. Време е тоа да се промени. Ветувам враќање на достоинството на Армијата, вели во видео обраќањето кандидатот за министер за одбрана, Владо Мисајловски.

„Ветувам инвестиции во објектите на АРМ, нова опрема, подобри услови за работа, поголеми плати. Ветувам дека ќе се грижам за луѓето кои се грижат за нас целиот свој живот. Армијата ќе биде огледало за државата. Како НАТО членка треба да знаеме дека Армијата е најголем амбасадор на државата, од семинари, до обуки, тренинзи и вежби со сојузничките армии“, вели Мисајловски.

Македоноија не смее да остане на опашката во евро интеграциите. Мораме да покажеме одлучност и посветеност во исполнување на стратешките интереси за полноправно членство во ЕУ. Но и спремност да ги одбраниме идентитетските прашања кои се наше право и должност, вели кандидатот за иден шеф на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски.

„Воедно да ја употребиме дипломатиката во функција на економијата. Да привлекуваме инвестиции кои ќе го отворат патот за подобар живот и повисок животен стандард. Македонија ќе биде почитувана. Ќе работиме макотрпно во промоциjа на вредностите во кои верувам. Државата да ја вратиме на народот. Инвестиции и дипломатија за тебе, за сите нас“, вели Муцунски.

Актерот Зоран Љутков кандидат за министер за култура вели дека со 20 години на театарската и филммската и ТВ сцената знае како размислуваат ументиците и што ѝ е потребно на културата.

„Време е за промени, ветувам дека ќе свртам нов лист. Се обврзувам на многу инвестиции, нови и реновирани сцени, поддршка за македонскиот  филм, македонските фестивали, музика, ликовна уметност, издаваштво, поддршка за актерите, заштита на културното наследство и подобри услови за работа. Достоинствена меѓународна презентација, знам точно што треба  да се направи, културните работници ќе добијат елан за работа и тврорештво  тоа го ветувам со развиена култура имаме посреќно општество“, ветува Љутков.

Собраниската седница за избор на новата влада сѐ уште трае, а треба да заврши најдоцна до полноќ.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ