четврток, 10 октомври 2024

Екологистите се против Македонија да се промовира како рударска земја

49 граѓански организации и институции од секторот животна средина бараат средба со надлежните институции и гаранции за еколошките параметри во предлог – стратегијата за рударство 2025-2045, која се подготвува за усвојување. Барањето беше поднесено до Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска и до премиерот на Владата на Македонија Христијан Мицкоски.

 

Објавено на

часот

Сподели

На пресот беа присутни: Лилјана Поповска од Зелен институт, Костадин Ристоманов од Еко долина – Ново Село, Ѓорги Танушев од Здрава котлина – Струмица, Дејан Андонов од ИКС Институт за комуникациски студии, Дејан Димитровски од Зелените од Гази Баба и претставник од Гоу грин.

Екологистите тргнуваат од нивната мисија да ја заштитат животната средина, биодиверзитетот и здравјето на луѓето и бараат внимателно и одржливо трошење на минералните суровини.

Анализирајќи ја нацрт-стратегијата, екологистите утврдија дека текстот е во колизија со ред закони и стратегии усогласени со меѓународните регулативи во областа на земјоделството, туризмот и животната средина, кои се водат од зачувување на водите, почвите и воздухот, како одбрана од климатските промени. Екологистите бараат стратегијата за рударство да се темели на конкретни еколошки принципи и начела.

Екологистите бараат усогласување со државните стратешки документи за животна средина, климатски промени, туризам, земјоделие и рурален развој, енергетика, врз база на кои со децении се вложувало во инфраструктура, субвенции и бизниси.

„Мора да има континуитет и во стратешките документи за индустриската политика усогласени со политиките на ЕУ, т.е. развој на применети истражувања и производство на одржливи, органски и специјализирани високо технолошки производи и услуги. Развој на одржливи и автентични индустрии како: органско вино и храна, еко-челик, еколошко градежништво, креативни индустрии, информатички и комуникациски технологии, медицинска опрема и услуги, автентичен туризам и други индустрии“, бараат екологистите.

Екологистите велат НЕ за „рударскоцентричен концепт“ и промоција на Македонија како „рударска земја“, зашто е во колизија со сите македонски и европски стратешки документи за зелена енергија, циркуларна економија, зелена инфраструктура, заштита на животната средина и климатска акција. Неконтролирана рударска експанзија би ги загрозила сите други стопански сектори и би ги поништила сите инвестиции во Македонија како туристичка и земјоделска земја со производство на здрава храна и вино. Со оглед на големината на земјата, рељефот и хидролошката мрежа, потенцијалните еколошки хаварии може да се прошират низ цела држава.

Екологистите се против рудници во заштитени подрачја и подрачја кои се во фаза на заштита (Кожуф, Огражден, Беласица, Јакупица, Јабланица). Тие се против рудници на 5 км од населено место или од заштитено подрачје, зашто е забранета загадувачка индустрија на тоа растојание.

Апелираат на затворање на ископите на јаглен, и конечно усогласување на енергетичарите, рударите и екологистите, од аспект на климатските планови.

Екологистите бараат да се отвори широка дискусија во општеството за овој важен стратешки документ за Македонија, за да биде донесен низ транспарентна процедура и со вклученост на сите засегнати страни, преку вклучување на сите релевантни забелешки и сугестии.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ