понеделник, 21 октомври 2024

Египет не сака никакво преселување на Палестинците во Синај

Египќаните ќе отфрлат какво било принудно преселување на Палестинците на Синај, изјави египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси, додавајќи дека таквиот потег ќе го претвори полуостровот во база за напади врз Израел.

Објавено на

часот

Сподели

Појасот Газа е всушност под израелска контрола и Палестинците можат да бидат преселени во израелската пустина Негев се додека Израел не се ослободи од милитантите, изјави денеска Сиси на заедничката прес-конференција во Каиро со германскиот канцелар Олаф Шолц.

На границата меѓу египетскиот полуостров Синај и Појасот Газа е единствениот граничен премин кон Газа што не е контролиран од Израел. Израел повика милион од 2,3 милиони жители на малата енклава Газа да се преселат од север на југ кон Египет додека ја заврши операцијата за уништување на Хамас, палестинското исламистичко движење Хамас кое со невидени напади врз Израел на 7 октомври започна нова војна со Израел.

„Сега во Газа се одвива обид за присилно преселување на цивилите кои треба да станат бегалци и да емигрираат во Египет, а ние тоа нема да го прифатиме. Египет отфрла каков било обид да се реши палестинското прашање со воени средства или со насилно иселување на Палестинците од нивната земја, што ќе биде на товар на другите земји во регионот“, рече Сиси.

Истото предупредување го упати и јорданскиот крал Абдула Втори, исто така по средбата со германскиот канцелар во Берлин, нагласувајќи дека нема да има нови бегалци во Јордан, ниту во Египет и дека тоа е црвена линија која не смее да биде помината. Египетскиот народ ќе излезе на улиците и милиони ќе протестираат против преселувањето на жителите на Газа на Синај, додаде Сиси.

Синоќа во напад врз болница во Појасот Газа загинаа стотици Палестинци и предизвика нов бран на револт ширум Блискиот Исток пред денешното пристигнување на американскиот претседател Џо Бајден во Израел во очајнички обид да посредува за постигнување мир.

Бајден требаше да учествува на средба со арапските и палестинските лидери во Јордан, но тие го откажаа самитот по нападот на болницата. Израел ја отфрла одговорноста за нападот и тврди дека болницата била погодена од погрешно испукана ракета од палестинското движење Исламски џихад, но тоа движење исто така ја отфрла вината.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ