Коџа претходно кажа дека има „44 повредени, вклучувајќи десет лица во сериозна состојба“ во оваа рурална област која се наоѓа меѓу градовите Дијарбакир и Мардин, во близина на сириската граница. На социјалните мрежи се објавуваат фотографии на кои десетици кози, овци и магариња лежат во изгорената трева, во главно земјоделскиот и сточарски регион.
Според министерот за внатрешни работи Али Јерикаја, пожарот избил доцна синоќа поради палење стрништа во областа триесет километри јужно од градот Дијарбакир, каде термометарот дење се качува над 40 Целзиусови степени. Пламенот се проширил со ветерот и брзо зафатил пет села.
Пожарот во текот на ноќта бил ставен под контрола, но службите и денес се на терен поради страв од разгорување на огнот, кажа министерот.
И Грција денес се бори со неколку шумски пожари во јужниот дел од своето копно кој го разгоруваат силни ветришта. Десетици пожарникари со осум авиони се распоредени во регионите Ахаја и Илија и во близина на градот Кранидија на полуостровот Пелопонез. На жителите на неколку села во тие подрачја им е кажано да ги напуштат домовите.
„Сите сили на цивилната заштита денес се во готовност“, кажа портпаролот на грчката пожарникарска бригада Василис Ватракојанис на брифинг за новинарите.