понеделник, 21 октомври 2024

Еден починат, тројца тешко повредени патници во четири засебни сообраќајки за 24 часа

Четири поголеми сообраќајни несреќи регистрирало МВР во изминатите 24 часа. Во нив еден патник починал, а тројца се тешко повредени.

Фото: Архива

Објавено на

часот

Сподели

Вчера претпладне во СВР Тетово, Џ.М. од село Џепчиште, пријавил дека на 20 јули 2024 година, утрото на кружниот тек помеѓу улиците Иво Лола Рибар и Благоја Тоска во Тетово, патничко возило џип со швајцарски национални ознаки удрило во велосипед, управуван од неговиот татко З.М., по што го напуштило местото.

„Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил велосипедистот, констатирани во Клиничка болница Тетово, по што, поради сериозноста на повредите, бил пренесен во Комплексот клиники Мајка Тереза во Скопје, каде починал. По насоки на јавен обвинител бил извршен увид од увидна екипа од СВР Тетово и се преземаат мерки за расчитување на случајот“, информираа од МВР.

Вчера утро пред седум часот во СВР Скопје било пријавено дека на регионалниот пат од населбата Драчево кон село Зелениково, пред влезот за село Студеничани се случила сообраќајна несреќа помеѓу товарно возило ман со скопски регистарски ознаки со полуприколка, управувано од М.Х. од село Семениште, општина Сарај и патничко возило сеат алхамбра без регистарски ознаки, управувано од Г.К. од село Зелениково. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил О.С. од село Смесница, сопатник од возилото сеат алхамбра, а возачот Г.К. се здобил со телесни повреди, констатирани во Комплекс клиники Мајка Тереза во Скопје. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.

Истиот ден доцна попладнето во полициската станица Струга било пријавено дека во село Велешта, се случила сообрaќајна несреќа помеѓу патничко возило бмв со струшки регистарски ознаки, управувано од А.В. од Велешта и мопед со охридски регистарски ознаки, управуван од И.К. исто од Велешта, но со живеалиште во Австрија.

„Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот на мопедот, констатирани во Специјалната болница Св.Еразмо во Охрид. Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Струга“, пишува во билтенот на МВР.

Вчера вечерта пак во полициската станица Радовиш било пријавено дека на 21 јули 2024 година на место викано Градска река, во атарот на Радовиш, З.А., возејќи електричен тротинет, изгубил контрола и паднал на земјен пат. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил З.А., констатирани во Медицинскиот центар Штип. Увид на местото на несреќата извршила екипа на полициската станица Радовиш.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ