вторник, 22 октомври 2024

ДЗР: Државата не го почитува златното правило за задолжување за капитални инвестиции

Отсуството на систем за управување со јавните инвестиции и непреземањето на корективни мерки предизвикуваат застој и бавна динамика на реализација на стратешките инфраструктурни проекти, зголемени трошоци за реализација на проектите и високи фискални ризици за јавните финансии, како и ризик за економијата и животот на граѓаните, заклучил Државниот завод за ревизија (ДЗР) во најновиот извештај објавен денеска, а се однесува на реализација на капиталните инвестиции финансирани преку Буџетот, ЕУ фондовите и други меѓународни финансиски институции како и од парите на општините. Во извештајот се ревидирани проекти од областите на животната средина, транспортот, здравството, водостопанството. ДЗР подготвил и посебен извештај кој нема да го објави затоа што, како што информираат оттаму тој е класифициран со степен на доверливо.

Фото: скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Како што појаснуваат од ДЗР, целта на ревизијата е да се даде одговор на прашањето дали постојната структура и реализација на капиталните инвестиции во Македонија обезбедува одржлив и инклузивен раст и подобар квалитет на живот на граѓаните.

„Со ревизијата е констатирано дека прикажаните капитални расходи  во Буџетот не се целосни и не даваат јасен и објективен приказ за износот на јавните инвестиции. Во Буџетот не се прикажани јавни инвестиции од јавното претпријатие (ЈП) за државни патишта кое што не е во согласност со најновите методологии за владина статистика и има за ефект нецелосно прикажување на капиталните инвестиции во Буџетот“, констатирале ревизорите.

Според ДЗР, во Буџетот на Македонија за годините 2021, 2022 и 2023 наведено е дека предложениот буџет е во согласност со златното правило во јавните финансии дека ќе се позајмува само за финансирање на инвестициски проекти.

„Ова правило е остварено само во 2023 година во која реализираните капитални расходи се поголеми од вредноста на буџетскиот дефицит. Системот за управување со јавни инвестиции не е воспоставен, а процесот на планирање, приоретизирање и алоцирање на средствата во Буџетот за јавни инвестиции, не е соодветно дефиниран со тековниот Закон за буџетите со цел алоцирање на јавни средства за најприоритетни инвестиции. Во септември 2022 година, донесен е нов системски Закон за буџети кој ги следи трендовите и препораките на меѓународните финансиски институции“, наведува во извештајот ДЗР.

Ревизорите констатирале дека не постои единствена база на проекти од која може да се видат јавни инвестиции и стратешки проекти кои се реализираат, нивната вредност, динамика на реализација, начинот на финансирање, видот на градба и други податоци и информации кои би служеле за процени и анализи за потребите на државата.

„Од 24 ревидирани проекти со вредност од 3,950 милијарди евра, за 19 проекти склучени се договори за градба со вредност од 2,744 милијарди евра, а за пет проекти иако подготовките се започнати пред повеќе години сѐ уште нема склучено договори за градба. За 19 проекти во вкупна вредност од 2,744 милијарди евра, реализирани се 941,8 милиони евра, а од нив само еден проект  од ревидираните е завршен. Од 19 проекти за кои се склучени договори, за шест има застој. За четири проекти раскинати се договорите, од кои за три има меѓународна арбитража и побарување за штета во вкупен износ од 45,5 милиони евра, и за два проекти постои неизвесност поради изминат рок на градба, а не склучени нови анекси кон постојните договори за градба“, наведуваат од ДЗР во извештајот.

Во извештајот се ревидирани проекти од областите на животната средина, транспортот, здравството, водостопанството.

„За наведениот извештај подготвен е и посебен извештај кој согласно одредбите на Законот за класифицирани информации  е класифициран со степен на доверливо.

 

 

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ