петок, 28 февруари 2025

Џон Стајнбек: Ништо што е добро не може да избега

Во ноември 1958 година американскиот писател и нобеловец Џон Стајнбек, автор на епскиот роман „Плодовите на гневот“, добил писмо од својот најстар син Том, кој во тоа време бил во интернат. Том му пишува за Сузан, девојката во која е заљубен. Стајнбек истиот ден му одговорил со писмо, а одговорот го пренесуваме во целост.

Објавено на

часот

Сподели

Њујорк

10 ноември 1958 година

Драг Том,

Го добивме твоето писмо утрово. Јас ќе ти одговорам од моја гледна точка, а секако, Елејн ќе ти одговори од свое име.

Прво, ако си заљубен, тоа е добра работа, тоа е најдоброто нешто што може да му се случи на некого. Не дозволувај некој да ти го намали или обезвредни тоа чувство.

Второ, постојат неколку видови љубов. Една од нив е себичното, злонамерно, грабливо, егоистично чувство што ја користи љубовта заради самобендисаност. Овој вид љубов е грда и парализирачка. Друг вид е излевањето на сѐ што е добро во тебе – љубезноста и обѕирноста и почитта – не само општествената почит на манирите, туку поголемата почит, односот кон другата личност како кон уникатна и вредна. Од првиот вид може да се чувствуваш лошо и безначајно и ранливо, но вториот може да ги избликне силата, храброста и добрината во тебе, па дури и мудроста што не си знаел дека ја имаш.

Велиш дека ова не е површна заљубеност. Ако чувствата ти се толку длабоки – се разбира дека не е површна заљубеност.

Но мислам дека ти не ме ни прашуваш што чувствуваш. Ти тоа најдобро го знаеш. Она за што сакаш јас да ти помогнам е што да правиш во врска со тоа – а тоа можам да ти го кажам.

Како прво, уживај во тоа, и биди многу среќен и благодарен за тоа.

Предметот на љубовта е најдоброто и најубавото нешто. Обиди се да го заслужиш.

Ако сакаш некого – нема штета да се каже ова – само мора да запомниш дека некои луѓе се многу срамежливи и понекогаш исказите мора да ја земат предвид таа срамежливост.

Девојките знаат да го насетат или да го почувствуваат тоа што го чувствуваш ти, но обично сакаат и да го слушнат.

Понекогаш се случува твоето чувство да не ти е возвратено од разни причини – но тоа не го прави твоето чувство помалку вредно и добро.

И на крај, го знам твоето чувство затоа што го имам и јас, и мило ми е што го имаш ти.

Ќе ни биде драго да ја запознаеме Сузан. Таа ќе биде многу добредојдена. Но Елејн ќе подготви сѐ бидејќи тоа е нејзин терен и ќе ѝ биде многу драго. И таа знае многу за љубовта и можеби може да ти помогне повеќе од мене.

И немој да се грижиш дека ќе загубиш нешто. Ако треба, ќе се случи – главната работа е да не се брза. Ништо што е добро нема да ти избега.

Те сакам,

тато

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ