„Идејата дека Зеленски ќе го промени мислењето на претседателот со тоа што ќе го оцрни во јавните медиуми – секој што го познава претседателот ќе ви каже дека тоа е ужасен начин да се работи со оваа администрација“, изјави Ванс за Дејли Меил неколку часа откако Зеленски го обвини Трамп дека живее во „простор за дезинформации“ создаден од Русија.
Трамп не остана должен, нарекувајќи го Зеленски „диктатор без избори“ и му порача „подобро да побрза или нема да му остане држава“.
„Се восхитуваме на храброста на украинските војници, но јасно мислиме дека војната треба брзо да заврши“, додаде Ванс.
„Тоа е политиката на претседателот на САД. Не се заснова на руски дезинформации. Се заснова на фактот дека Доналд Трамп, мислам, знае многу за геополитиката, има многу силно мислење и тоа мислење го има веќе долго време“.
Ванс додаде дека верува оти Зеленски добива многу лош совет за тоа како да се справи со администрацијата на Трамп.
Острата размена на зборови меѓу Зеленски и Трамп доаѓа додека американските и руските претставници преговараат во Ријад за можен крај на војната во Украина, што предизвика загриженост во Киев и меѓу европските лидери за можното исклучување на Украина од преговарачкиот процес.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во исто време во Анкара се сретна со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, нагласувајќи дека Украина мора да биде вклучена во какви било разговори за завршување на војната.