понеделник, 18 ноември 2024

ДУИ: Од прв премиер Албанец до целосно уназадување за неколку месеци

Демократската унија за интеграција (ДУИ) е длабоко загрижена за развојот на настаните што ги поткопуваат принципите на еднаквост, соживот и интеграција во Македонија, се наведува во денешното соопштение на опозициската ДУИ.

Објавено на

часот

Сподели

Денес, за жал, се соочуваме со систематски обиди да се врати назад деценискиот напредок, да се преврти историјата наспроти вредностите на правдата и инклузивноста кои ја изградија оваа држава, велат од ДУИ.

„Од нула учество во јавната и државната администрација, Албанците успеаја да создадат историја со изборот на првиот премиер Албанец во Северна Македонија. Ова не беше само триумф за Албанците, туку и победа за идејата за еднаквост меѓу народите и дека секој граѓанин, без разлика на етничката припадност, заслужува еднакви можности. Денес, овие достигнувања се во опасност од уништување“, велат од ДУИ.

Систематското отстранување на Албанците од клучни позиции и нивното заменување со  пониски улоги претставува намерен чин на маргинализација што ги нарушува принципите на еднаквост и меритократија, тврдат од ДУИ.

„Албанските претприемачи се соочуваат со неправедни пречки кои го спречуваат економскиот развој и создаваат бариери за учество во растот на земјата. Најавата за ревидирање на Законот за јазици претставува директен напад врз Охридскиот договор, договор што ги постави темелите за мир и меѓуетничка хармонија во нашето општество. Албанците се соочуваат со понижувачки третман преку враќањето на југословенскиот концепт на негирање на етничката идентификација, по одлуката на Уставниот суд“, велат од ДУИ.

Оттаму потенцираат дека партијата нема да остане тивка пред „овие случувања“.

„Ги повикуваме сите граѓани на Северна Македонија, без разлика на етничката припадност, да се обединат против обидите за деградација на вредностите на еднаквост, толеранција и хармонија. Нашата земја не смее да дозволи враќање во ера на поделби, дискриминација и конфликти. Еднаквоста не е привилегија – таа е право“, се наведува во соопштението на ДУИ.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ