Младеновска посочи дека момчето било сместено во адолесцентското одделение, меѓутоа поради неговата изразена агресија и напад на пациентки од женски пол, лекарите одлучиле да го префрлат во соба за фиксација наменета за пациенти кои појавуваат изразена агресија или насилничко однесување.
„Фиксаторите се наменети за пациенти кои имаат насилничко однесување, кои што се агресивни. Воопшто не станува збор за ланци или за некои други предмети кои беа изнесени во јавноста“, рече Младеновска.
Посочи дека постојат кожни и платнени фиксатори и дека нивното користење е дозволено, а се користат исклучиво за пациенти кои имаат агресивно однесување.
Момчето, како што појасни Младеновска, претходните месеци било хоспитализирано на Клиниката за психијатрија, каде требало да изврши контролен преглед, но не го извршил и заради влошената здравствена состојба, родителите одлучиле да го однесат во психијатриската болница.
Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска се сретна со мајката на 17-годишното момче, Салка Абдуловска, и како што соопшти Министерството за здравство, изразил жалење за ситуацијата и најавил дека болницата ќе биде под строг надзор иако добил уверување од менаџментот на болницата дека е постапено согласно сите протоколи.