петок, 21 февруари 2025
Ричард К. Шервин

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Доналд Трамп и неговото невладеење на правото

Инсистирајќи на сопствената надмоќ, извршната власт на претседателот Доналд Трамп ефикасно се стреми кон тоа да ја промени уставната рамка на САД која предвидува механизам на контрола и рамнотежа помеѓу еднаквите власти. Трамп нема овластување да ја спроведе оваа промена, но тоа нема да биде доволно за да биде спречен во таквата намера.

Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс неодамна изјави дека „на судиите не им е дозволено да ја контролираат легитимната моќ на извршната власт“. Оваа „бомба“ фрлена преку федералното судство на САД, се заканува да го наруши долгогодишното разбирање на нештата дека судовите се тие кои треба да го кажат последниот збор за тоа што значат законите и што се бара со истите тие закони. Доколку на ова нешто погледнеме од аспект на извршните уредби на претседателот Доналд Трамп кои имаат сомнителна позадина од аспект на својата уставност (како што е укинувањето на државјанството со право на раѓање и укинување на агенциите кои се одобрени од Конгресот) предизвикот поставен од потпретседателот Венс доведува до нагло олабавување на американската уставна криза која, инаку, сè уште трае.

Во суштината на нештата е еден едноставен предлог: националните избори не се уставни конвенции. Уставните конвенции се настани од единствен карактер со кои се утврдуваат основните норми и процедури кои го регулираат легитимното вршење на државната власт. Во 1787 година, Уставната конвенција на Америка разработи политички и правен план со кој се воспостави одредена форма на владеење (демократска т.е. федерална/сојузна република) која е ограничена со основните норми (индивидуални права и принципи на соодветна процедура и еднаква заштита) кои, пак, го ограничуваат вршењето на државната власт, како и процедура со која Уставот ќе стапи во сила (ратификување од страна на сојузните држави).

Основа за републиката која беше воспоставена со Уставот на САД е идејата дека, за да се заштити слободата од заканата од тиранија, функциите на власта мора да ги извршуваат три исти и еднакви гранки на власт, што значи дека секоја гранка е повеќе или помалку самостојна во извршувањето на својата единствена функција. Во таа смисла, Конгресот, преку својата законодавна функција, го регулира креирањето политики како и федералните исплати; извршната власт ги спроведува политиките и се грижи за националната безбедност; додека судовите го толкуваат она што се бара со законите и Уставот.

Јавноста преку избори одредува кој ќе ги застапува нивните интереси во ваквиот уставен поредок. Избраните функционери не можат да ја променат таа рамка според својата волја. На пример, тие не можат, едноставно, да ги укинат изборите или, пак, да ги поништат резултатот добиени на слободни и фер избори. Функционерите исто така не можат да ги променат основните правила во извршувањето на државната власт. Тоа значи дека тие, на пример, не можат да ги поништат индивидуалните права или неказнето да ги прекршуваат принципите на постоење на процедура и еднаква заштита.

Меѓутоа, работите стануваат посериозни и поделикатни доколку избраниот функционер (на пример, претседателот) одлучи дека неговото мислење (наместо мислењето на Врховниот суд) е диспозитивно во однос на тоа дали одредена извршна наредба или активност го крши Уставот. Оваа контроверзност е присутна уште од почетоците на новосоздадената држава и истата беше разрешена со важната одлука на Врховниот суд на САД во случајот Марбери против Медисон (1803).

Главниот судија Џон Маршал пресуди дека „Прашања кои по својата природа се политички или кои, според Уставот и законите, се поставени до извршната власт, никогаш не можат да се поставуваат пред овој суд“. Од друга страна, пак, прашањата од правна природа (особено прашањата кои вклучуваат толкување на самиот Устав) се прашања кои спаѓаат во делокругот на судството.

Историски важниот статус на одлуката на Врховниот суд во случајот Марбери произлегува од следниве зборови: „Должност е на Судскиот оддел да каже што е законот. Оние кои го применуваат правилото во одредени случаи имаат обврска да го образложат и толкуваат тоа конкретно правило. Ако два закони се во меѓусебен конфликт, судовите се тие кои мора да донесат одлука за тоа како функционира секој од тие закони“.

Во случајот Марбери, Врховниот суд за прв пат потврди дека судската власт го има последниот збор во врска со тоа што значат решенијата од Уставот и дали одредени законодавни или извршни дејствија се во спротивност со неговите барања. Ако законодавецот има поинакво мислење, што и беше проблемот кој постоеше кај Судот во случајот Марбери, неговиот авторитет мора да се повика на надредениот орган на повисокиот суд. Истото важи и за претседателот.

Сето тоа е во ред, освен ако претседателот не го прави тоа. На пример, во случајот Ворчестер против државата Џорџија (1832), Врховниот суд одлучил дека домородните Чироки сочинуваат независна политичка заедница за која не важат законите на државата Џорџија. Тоа значеше дека некој мисионер кој живее со Чироките не може да биде кривично гонет затоа што одбил да се заколне дека ќе ги почитува законите на Џорџија.

Иако е прашање колку може да ѝ се веруваа на оваа приказна (која е цитирана од Ванс), претседателот Ендрју Џексон, наводно, му одговорил на Судот по донесувањето на пресудата со следниве зборови: „Џон Маршал ја донесе својата одлука, сега нека ја спроведе“. Одлуката на Судот, всушност, не го спречи Џексон да ги испрати федерални трупи за да ги истераат Чироките од нивната земја а последица на тоа беше Патеката на солзите т.е. принудниот марш до индијанската територија (која е сега државата Оклахома) а се проценува дека овој принуден марш не го преживеале околу 10.000 Индијанци.

Отпорот на државите од југот кон овластувањето на Судот да прави десегрегација на јавните училишта, како што беше наложено од случајот Браун против Одборот за образование (1954), раскажува една поинаква приказна. Имено, постапувајќи по директна наредба на претседателот Двајт Ајзенхауер, федералните трупи ја задржуваа непријателски настроената толпа и безбедно ги придружуваа младите црни ученици (познато како „Little Rock Nine“) во јавното средно училиште во кое дотогаш учеа исклучиво белци.

Меѓутоа, што ако Ајзенхауер одлучил да не делува против отпорот кон одлуката во случајот Браун од страна на оние кои биле против десегрегацијата? САД сигурно би изгледале сосема поинаку денес.

Американската република во моментов се наоѓа на сличен крстопат. Притоа, прашањето не е само какви национални политики ќе спроведуваат народните избраници, туку поголемо прашање е дали избраните функционери можат да го променат самиот уставен поредок, било преку директно делување или стратешко неделување.

И покрај мислењето на Венс, веќе е етаблирано дека во рамките на американскиот уставен поредок „должност е на судовите [а не на извршната власт] да кажат што претставува законот“. Инсистирајќи на сопствената надмоќ, извршната власт на претседателот Доналд Трамп ефикасно се стреми кон тоа да ја промени уставната рамка на САД која предвидува механизам на контрола и рамнотежа помеѓу еднаквите гранки на власта.

Трамп нема уставно овластување да ја направи оваа промена. Сегашните околности упатуваат на тоа дека американскиот народ може повторно да ја врати демократската република која е воспоставена од нивните предци само преку воспоставување на нивната првобитна суверена моќ, преку избори, масовни протести или преку други форми на колективно делување.

Ричард К. Шервин

(Преземено од Республика)

КОЛУМНИ

Рајко Пеколски

Вoнредни вести од глобалната лудница

Александар Стојановски

EУ ја губи битката со Трамп

Рајко Пеколски

Кaко умре вистината

Дамбиса Мојо

Три причини поради кои „залетот“ на вештачката интелигенција би можел да...

Љубомир Николовски

Шоутајм Лука  –  холивудска драма зад затворени врати

Александар Донски

Струмичанец бил патријарх на Ерусалим во 12 век

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ