петок, 18 октомври 2024

„Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски номиниран за Европската универзитетска филмска награда

Филмот „Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски, кој го отвори фестивалот „Браќа Манаки“, а е дел од годинашната селекција за 36. издание на Европските филмски награди, доби номинација и за Европската универзитетска филмска награда, една од категориите на Европските филмски награди за која гласа жири составено од студенти од 25 универзитети од 25 земји во Европа. Претходно, „Домаќинство за почетници“, е избран и за годинашен македонски кандидат за наградата „Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм“. 

Објавено на

часот

Сподели

Номинираните пет филмови од пет европски земји се избираат од селекциите од играни и документарни филмови за Европските филмски награди 2023. Останатите четири филма номинирани за наградата се францускиот „Анатомија на пад“ во режија на Џастин Триет, „Зелена Граница“ на режисерката Агнешка Холанд, британско-грчката копродукција „Како да се има секс“ во режија на Моли Менинг Вокер и германскиот „Сала за наставник“ на режисерот Илкер Чатак.

Европската филмска академија ја лансираше Европската универзитетска филмска награда – European University Film Award (EUFA) во 2016 година, заедно со филмскиот фестивал во Хамбург, а во меѓувреме стана и една од официјалните категории на Европските филмски награди, за која што не гласаат членовите на Европската филмска академија, туку студенти од универзитетите учесници. Целта на оваа награда е активно да ја инволвира младата публика, да ја шири „европската идеја“ и да го пренесе духот на европското кино до публиката помеѓу 20 и 29 години. 

По оваа номинација следуваат проекции на филмовите и дискусии во рамките на семинари кои ќе бидат организирани на универзитетите кои се дел од оваа програма, а во декември, по еден студент – претставник на својот универзитет – ќе присуствува на одлучувачки состанок кој ќе се одржи во Хамбург, Германија Во модерирана дебата студентите ќе одлучат за победникот, а ЕУФА 2023 ќе биде доделена за време на церемонијата на Европските филмски награди која ќе се одржи во декември 2023 исто така во Германија, во Берлин. 

Воедно, денеска започнува гласањето на членовите на Европската филмска академија за селектираните филмови за Европските филмски награди во останатаите категории и истото трае до 18. октомври 2023. Членовите ќе имаат можност да гласаат за категориите најдобар европски филм, режисер, актерка, актер и сценарио за селекцијата од играни и документарни филмови. Номинациите ќе бидат објавени на 7 ноември, по што членовите на академијата ќе гласаат за победниците кои ќе бидат презентирани на церемонијата во Берлин. 

„Домаќинство за почетници“, кој е во продукција на Лист Продукција од Скопје, е избран и за годинашен македонски кандидат за наградата „Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм“. 

Филмот ја имаше својата светска премиера на филмскиот фестивал во Венеција, каде ја доби Квир Лајн наградата, а македонската премиера се одржа на отворањето на интернационалниот фестивал на филмска камера, „Браќа Манаки“. 

Во скопските кина „Домаќинство за почетници” ќе почне да се прикажува од 12. октомври 2023 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ