Традиционално блиските односи меѓу Соединетите Американски Држави и Европа со децении ја карактеризираше Минхенската безбедносна конференција и без оглед на некои разлики во мислењата, базата на која почиваше тој однос беше недопирлива бидејќи двете страни соработуваа и меѓусебно се ценеа.
Меѓутоа за Европејците годинешниот самит во баварската престолнина би можел да биде непријатен.
Како што се наведува, по враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа, повеќе не е сигурно ни она што со децении изгледаше прилично стабилно, поради што Конференцијата која почнува овој петок, се смета за лакмус-хартија за состојбата во која во моментов се наоѓаат трансатлантските односи.
На Минхенската конференција се очекуваат околу 60 шефови на држави и влади, а тој собир важи за глобално најважен форум за темите поврзани за безбедносната политика.
Од редовите на американската влада присуството во Баварија, освен потпретседателот Џеј Ди Венс, го потврди и министерот за надворешни работи Марко Рубио, но не и новиот американски министер за одбрана Пит Хегсет.
Освен тоа, како што најави шефот на МБК Кристоф Хојзген, се очекува доаѓање на една од најголемите делегации на американскиот Конгрес која некогаш присуствувала на собирот во Минхен.
Безбедносната конференција во Минхен е неформална средба на која не се усвојуваат никакви заклучоци и токму поради тоа таму се негува отворена размена на аргументи, а конфликтите не се туркаат под тепих.
Новите, поостри тонови во трансатлантските односи Доналд Трамп веќе почна да ги практикува, пишува Дојче веле и додава дека во официјалниот извештај на Конференцијата, кој е веќе објавен, се цитира изјавата на американскиот претседател која тој ја даде за време на предизборната кампања дека европските нации ги искористуваат САД со трговијата, но и во рамки на НАТО.
На Трамп, како што се наведува, му се трн во око, како што тој ги гледа, премалите вложувања на некои европски НАТО партнери во опремувањето на воените сили, а околу тоа прашање во повеќе наврати ја критикуваше и Германија.
Вашингтон до сега го плаќаше најголемиот дел од трошоците за НАТО и на Европа континуирано ѝ нудеше сигурна воена заштита, но тоа сега го нема – Трамп од сојузниците бара да издвојуваат пет отсто од својот БДП.
А дека Трамп е способен остро да ги повлече американските пари од организациите кои дејствуваат на меѓународен план, тој веќе докажа, а судејќи по наводите од извештајот на Минхенската конференција, таборот на Трамп тоа го правда со тоа дека дури и светска велесила како САД има само ограничени ресурси, односно дека тие ресурси треба да ги користи за доброто на својата земја.
Пред конференцијата почнаа да се шират гласини дека Американците токму во Минхен би можеле да го претстават планот на Трамп за завршување на војната во Украина, а и Хојзген изјави дека се надева дека мировниот план би можел да ги добие контурите токму во Минхен,
Меѓутоа, претставници на руската влада не се повикани на Конференцијата, туку во Минхен се повика претставници на руската опозиција и на невладините организации од таа земја.
Немир, па и згрозување во Европа предизвикаа заканите на Трамп дека, ако е потребно, одредени подрачја ќе анектира и со помош на воена сила, меѓу другите и Гренланд, кој формално ѝ припаѓа на Данска.
Тие на заканите на Трамп веќе реагираа со опомена, истакнувајќи дека и САД мора да се придржуваат до меѓународното право.
Германската внатрешна политика овој пат ќе има посебна улога на конференцијата, бидејќи настанот се одржува само една недела пред предвремените избори за Бундестагот, односно во самиот финиш на предизборната кампања.
Своето учество на Конференцијата го потврдија и неколку кандидати за канцелар, односно носители на листите, меѓу нив и шефот на ЦДИ Фридрих Мерц, кој според анкетите води во трката за канцелар.