петок, 18 октомври 2024
Рајко Пеколски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Договор за добрососедство

Повести за многупоучните бесрамно бесмислени и несомнено вистинити авантури на многунепочитуваниот даночен обврзник потрошувач гласач и дисциплиниран пушач Неговото граѓанско Височество - граѓанинот Шљупков и за тоа како тој виде посведочи и доживеа многу згоди и незгоди во Апсурдистан и северно од него извлекувајќи високопоучни слова за граѓанските доблести на послушноста политичката коректност јавниот ред и морал правото и демократијата или скратено – таму негде јужно на север.

Шљупков и Сурутков беа соседи.

Шљупков и Сурутков не се трпеа.

Работата беше толку лоша, што нивното непријателство мораше некако правно да се регулира. Па така, високоуважениот Претседател на многупочитуваниот Куќен совет, Неговото Превосходство Муце Мустаќот ги седна да потпишат договор за добрососедство. Е, бидејќи Муце Мустаќот мезеше на ракија со Сурутков, договорот испадна крајно неповолен за Шљупков. Или – стручно правно кажано – крајно поволен.

Но ние впрочем не сме стручни, како на пример неговото длабокоумно академско превосходство Фрливоје Фалус со латинско презиме што влева страхопочитание и кој живееше само еден спрат под Муце Мустаќот, ние сме само писмени и – пишуваме! Да продолжиме…

Договорот всушност беше многу едноставен: Шљупков се обврзуваше да се претвори во што и да посака Сурутков и кога и да посака. Ете толку! Меѓутоа Сурутков беше на тешко искушение во што прво да го преобрази Шљупков – во нешто што се јаде, или во нешто што се гази. Сепак Шљупков најпрвин заврши како печено јаре залеано со ракија во стомакот на Сурутков и Муце Мустаќот. Потоа Сурутков посака да го згази Шљупков и си го замисли како бубашваба. Но Шљупков веќе му беше во стомакот како печено јаре, па така, сега му излезе од ушите како бубашваба. Муце Мустаќот тогаш посегна во весникот, но место да ја плесне бубашвабата го перна Сурутков. Наљутен, Сурутков не мислеше на ништо друго, освен Шљупков да се преобрази во двоглав змеј што ќе го изеде Муце Мустаќот. Меѓутоа бубашвабата Шљупков во меѓувреме се беше пикнала во пукнатина под паркетот, па кога се претвори во двоглав змеј целиот спрат се струши и Сурутков и Муце Мустаќот му паднаа на двоглавиот змеј Шљупков во двете челусти, а Шљупков, како двоглав змеј падна право во скутот на соседката Латинија од долниот спрат.

Соседката Латинија, пак – како што тоа бидува кога двоглав змеј ќе ѝ падне во скутот на убава жена – си го сакаше и милуваше двоглавиот змеј Шљупков до крајот на животот.

Ете, работите сепак не испаднаа така лошо за Шљупков. Единствено што соседката Латинија чуваше и еден дебел хрчак кој му беше страшно љубоморен на Шљупков…

Рајко Пеколски

 

КОЛУМНИ

Миодраг Врчаковски

Илегална миграција на легален начин!

Сеад Џигал

Стереотипите како бариера за жените кандидатки

Ристо Цицонков

Греење: Не си играјте со децата, може да се разболат

Кристина Пота Радуловиќ

„Ти си пречувствителен/на“ – грижа за нас или агресија и етикетирање?

Ристо Цицонков

Базна електрична енергија да, ама не со слаб кадар и неприменети...

Далибор Ступар

Што се случи со Зелената агенда во Србија?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ