среда, 26 февруари 2025

Додик: Нема да има воени конфликти, примарна цел на Република Српска е уставна Босна и Херцеговина

Претседателот на Република Српска (РС) Милорад Додик изјави денеска во Бања Лука дека отфрла каква било можност за воени конфликти во Босна и Херцеговина (БиХ).

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

„Ние не сакаме да го видиме тоа и нема подготовки за тоа“, рече Додик за новинарите, додавајќи дека РС само бара враќање на Уставот на БиХ.

Тој изјави дека сегашната Босна и Херцеговина „не е уставна“, поради што Србите не сакаат да живеат во неа.

„БиХ надвор од Уставот не е наша земја… Ова е принципиелен став, но ако оваа практика продолжи, тогаш нема причина РС да се обидува да остане во таква БиХ. Ние се залагаме за мир и стабилност, а тоа значи дека зборуваме на јазикот на Уставот“, нагласи Додик.

Тој истакна дека примарна цел на претставниците на РС е Уставот на Босна и Херцеговина.

„Ако анализираме за половина година или најдоцна по една година и нема напредок, РС има право на свои одлуки“, рече Додик.

Тој ги отфрли наводите на претставниците на меѓународната заедница во БиХ дека создаваат впечаток на „некаков вид на вонредна состојба“, наведувајќи дека единствената вонредна состојба во БиХ е тоа што судската постапка против него и вршителот на должноста функционер на РС Милош Лукиќ се „водат надвор од законот“ пред Судот на БиХ.

„Во БиХ не постои закон според кој јас и Лукиќ би биле изведени пред суд. Кога ќе ја видат волјата на овој народ, тие се обидуваат да создадат приказна за вонредна состојба. Ништо не е вонредно освен нив“, рече Додик.

Тој им порача на сите во БиХ, а особено, како што рече, на јавноста во Федерацијата БиХ, дека „немаат причина да се грижат, да не им веруваат на своите политичари да преземат свои мерки, бидејќи никогаш нема да бидат преземени никакви мерки“.

Тој повторно го навреди високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит, заканувајќи се дека ќе биде уапсен доколку дојде на територијата на РС.

Додик рече дека утре очекува пресуда за вина пред Судот на БиХ, оценувајќи дека „тоа нема да биде пресуда за Додик, туку за претседателот на РС кој го потпиша указот“.

„Тој чин го извршив како избран политичар. Тие се обидуваат да направат да се чувствувам како да сум индивидуално виновен. Нивната следна станица е (државниот) имот“, изјави Додик.

Судот на БиХ утре ќе ја изрече првостепената пресуда за Додик и Лукиќ поради неприменување на одлуките на Шмит.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ