Обраќајќи им се на пратениците на народното собрание на Република Српска, Додик истакна дека со законот практично се оневозможува работата на државните правосудни и безбедносни институции на територијата на РС.
Според него, овој процес се подготвува со години, и дека институциите на Република Српска во меѓувреме ги јакнеле своите капацитети во таа насока.
„Ова е поволна ситуација за Република Српска, бидејќи го враќаме својот субјективитет. Ве повикувам без колебање да го усвоите овој закон. Одлуките на народното собрание се јасни – ова не е сецесија, туку враќање на изворниот Дејтон и заштита на уставниот поредок на БиХ“, порача тој.
Тој додаде дека нема лично да се жали на пресудата на Судот на БиХ со која неправосилно е осуден на една година затвор и шест години забрана за политичко дејствување, имајќи предвид дека народното собрание на РС веќе ја отфрли.
Најавите од РС веќе ги осудија од водечката бошњачка партија СДА, нарекувајќи ги обид за државен удар.
„Намерата со неуставни закони да се забрани работата на Судот и Обвинителството на БиХ, Високиот судски и обвинителски совет и Државната агенција за истраги и заштита на територијата на РС претставува обид за уривање на уставниот поредок на Босна и Херцеговина“, наведуваат во соопштението.
Членот на Претседателството на БиХ Жељко Комшиќ порача дека Босна и Херцеговина повеќе не може да смета на помошта на меѓународната заедница и дека домашните институции ќе мора самите да ги бранат одлуките, дури и кога не се согласуваат со нив.
„Меѓународната заедница повеќе не постои во БиХ како ефикасен механизам. Времето кога поради нефункционирањето на институциите се обраќаше до странските амбасади помина. Сега мораме да ја преземеме одговорноста за сопствената држава“, кажа Комшиќ.
Политичката криза во БиХ дополнително се продлабочи по пресудата против Додик, која тој и властите на РС не ја признаваат, додека истовремено се заострува политичката реторика меѓу клучните актери во земјата.