сабота, 19 октомври 2024

Додик: Долго ги слушавме европските бајки, ЕУ не е свесна дека постојат и други можности

Претседателот на босанско-херцеговскиот ентитет Република Српска Милорад Додик изјави дека РС ја „гледа својата прилика“ во БРИКС, бидејќи „тоа е многу моќна организација која расте и ја претставува иднината“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Укажана ни е голема чест да можеме да се појавиме на Самитот на БРИКС во Казањ“ во Русија, каде самитот на таа група се одржува следната недела, кажа Додик.

Во интервју за новинската агенција Срна тој оцени дека „тоа зборува за природата на нашите односи со Русија и пријателството кое го покажува претседателот Владимир Путин’.

„Сакаме да бидеме таму каде што се зборува за растот, развојот и новите можности за соработка“, кажа тој.

Зборувајќи за 16-от Самит на лидерите на БРИКС кој почнува на 22 октомври во Казањ, на кој ќе присуствува, Додик кажа дека РС „долго ги слушала европските бајки“ и дека во Европската Унија „не станале свесни дека постојат и некои други можности“.

„Ние нема да ја затвориме вратата за соработка, отворени сме за сите оние кои гледаат потенцијал во РС, можност за соработка и желба таа да се унапредува“, најави лидерот на босанските Срби.

Додик смета дека брзо ќе дојде денот кога сè повеќе членки на ЕУ ќе зборуваат за важноста на соработката со Русија.

„Сега постојат некои притисоци, па дури и закани, условувања, но изборите во Америка ќе покажат колку Европа наивно ги следеше сите нивни условувања и како некои политики се менуваат“, додаде тој истакнувајќи дека РС ќе ја продолжи политиката на неутралност.

„Живееме со години во хаосот на ЦИА наречен Босна и Херцеговина. Тука никој нема повеќе да војува, ниту има причина за тоа. секој го има своето и секој е на своето, и тоа го гарантира Дејтонскиот договор“, истакна Додик.

Според него, каква било приказна за унитаризација е апсолутно неприфатлива и невозможна, и води до точка кога БиХ и формално се дели на три дела и секој оди по својот пат.

Оцени дека тука не станува збор за некаква сецесија, туку за „разидување на БиХ како заедница на две држави кои не сакаат да бидат заедно“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ