Демири кажа дека во Македонија нема лиценцирани лабортории кои би дале дозвола за квалитетот на испорака гасови и воздух преку компресираните станици, па затоа само за интерна употреба биле ангажирани фирмите Пегаз и Дрегер, но и тие не можат да го гарантираат квалитетот на воздухот.
„Од двете компании не најдоа никаков недостаток на компресорните станици освен што има влага и препорачаа филтрите на тие станици да се менуваат. Затоа денеска се испратени мостри во Германија. Затоа решивме да се откажат сите операции освен итните случаи, а другите да се препраќаат во Градската болница 8 септември и во Градската болница. Во меѓувреме набавени се 6 компресори за итните случаи бидејќи ако апаратите се приклучат на надворешен компресор воздухот е чист и не мириса. Затоа дадов наредба да се истражи од каде доаѓа миризбата, а ги чекаме и анализите од Германија“, рече Демири.
Според министерот, проблемот со затворањето на операционите сали на хируршките клиники при Клиничкиот центар Мајка Тереза е хаварија во компресорската станица.
„Додека не заврши ова испитување и не дојдат анализите од Германија кои се испратени, хируршки центар ќе се послужи со надворешни компресори“, рече тој.
Тој кажа дека нема информација дека можна причина за смрдеата на хируршките клиники е бактеријата мрса но не ја исклули и таа можност.
„Тоа се сали во кои секогаш може да се најдат и бактерии и во таков случај истите веднаш се затвораат, се дезинфицираат па повторно се пуштаат во употреба“, рече Демири.
Итните случаи на пациенти, како што кажа се пренесуваат во Општа Градска болница и во болницата 8 септември.
Што се однесува до одговорноста и кој е виновен за овој крах на хируршките клиники, Демири рече дека тоа треба да го утврди истрагата на Јавното обвинителство.