ДКСК денеска на седница го затвори предметот за реконструкција на спортскиот центар (СЦ) „Борис Трајковски“ за потребите за одржување на Самитот на ОБСЕ во ноември 2023 година , но покрај нов закон за финансирање на политичките партии ќе побара постапувања и од Управата за јавни приходи и Управата за финансиска полиција. Антикорупциската комисија ги анализирала наводите во јавноста поврзани со постоење клиентелистички односи помеѓу политички претставници или службени лица во одделни институции со фирмата „Еуровиа“ декларирана како донатор на политичката партија ДУИ. Од таа причина, како што рекоа, постоеле сомнежи дека во текот на постапката во МНР направени се злоупотреби од страна на службени лица со цел оваа фирма да го добие тендерот.
Според анализата на ДКСК, тендерската документација, условите кој сѐ може да учествува како понудувач, не упатува дека постои тенденција за фаворизирање одредена фирма или дека условите се креирани за одреден економски оператор. За ова, како што рекоа, говори и фактот што четири економски оператoри доставиле понуда, но и откако Државната комисија за жалби по јавни набавки одлучувала, ги оцениле доставените понуди и како најповолна останала понудата на „Еуровиа“.
Како што беше речено на седницата, се потврдиле наводите дека дел од средствата што ги добива „Еуровиа“ и од други државни органи се префрлени на ДУИ.
„Во случајов станува збор за правно лице кое е донатор на партијата. Законот за финансирање на политичките партии го уредува начинот, односно висината на донациите. Факт е дека во претходната постапка утврдивме повисок износ на донации, но Законот за финансирање политички партии предвидува дека фирма која има склучено договор со државни органи не може да биде донатор на политичка партија. Во случајов, тоа е занемарено уште повеќе со фактот што постои капитална поврзаност меѓу фирмите што го добиваат договорот за реконструкција на салата со фирмата која упатува донации во корист на ДУИ“, наведоа од ДКСК.
Овие соменевања, како што рекоа, ги потврдиле преку изводите на капитално поврзаните фирми кои ги обезбедиле од деловните банки каде имаат отворено трансакциски сметки и се гледа како средствата што се добиени од „Еуровиа“ преку разни трансфери од една на друга сметка завршуават на сметка на ДУИ.
До УЈП ќе биде доставено барање за даночно постапување и проверка на даночните биланси на „Еуровиа“ и „Еуровиа холдинг“, нивните консолидирани годишни сметки поради трансфер на средства како позајмици од една на друга сметка и нивна уплата како донација на ДУИ, а со цел утврдување дали постои даночна евазија и дали тоа е согласно Законот за добивка и Законот за ДДВ. До Управата за финансиска полиција, пак, ќе се достави известување со барање за надлежно постапување и испитување на текот на парите не само во овој туку и во други случаи.
До Министерството за финансии ќе биде испратено укажување за потребата од донесување нов закон за финансирање на политички партии, како што беше речено на седницата, е наметнато од бројните проблеми, недоречености и слабости, како во Изборниот законик, така и во актуелниот Закон, а за чие усогалсување и изменување укажува и ОБСЕ/ОДИХР.
ДКСК одлучи и да достави укажување до МНР заедно со одговорните лица во писмена форма да извршат валоризација на извршената реконструкција и вградената опрема во „Борис Трајковски“, со цел сметководствено да се евидентира како зголемување на вредноста на објектот.
Во врска со ова, министерот за надворешни работи Бујар Османи на фејсбук напиша дека со оваа одлука на ДКСК се покажало дека процесот бил во согласност со законите а биле испочитувани и највисоките стандарди за фер оценување и без корупција.
Овој процес за жал нѐ обремени со многу обвинувања, поттикнувајќи нѐ да ја бараме правдата и вистината. Изборот на компанијата за приспособување на спортскиот центар, иако критикуван и обележан со обвинувања за фаворизирање, на мое барање беше темелно испитан од нашите правни институции – Јавното обвинителство и ДКСК. Заклучокот стигна од двете институции и тој е јасен и недвосмислен, процесот беше во согласност со нашите закони, испочитувани се највисоките стандарди за фер оценување и без корупција. Во текот на овој период, се соочив со бура од негативни реакции и неосновани обвинувања. Не само што мојот интегритет беше ставен под сомнение, туку овој настан фрли сенка врз меѓународниот имиџ на нашата земја. Сепак, избрав транспарентност пред молк, одговорност пред одбрана. Доброволно ги предадов сите релевантни документи на Обвинителството и Комисијата за антикорупција, уверен во интегритетот на Комисијата при МНР, како и во мојот сопствен. Денес, откако двете институции ја потврдија законитоста и чесноста на тендерската процедура, се чувстувам повикан тоа да го објавам. Патот до овој момент беше исполнет со непотребен стрес и неосновано сомневање, но тој пат заврши. Непрекинатите напади што ги трпев не беа само против мене, туку беа напади врз вредностите на државата и принципите на нашата демократија“, напиша Османи на фејсбук.