петок, 18 октомври 2024

Директорот на редакцијата Шарли ебдо: Ни девет години по нападот не се залечени раните

Директорот на редакцијата на францускиот сатиричен неделник „Шарли ебдо“, Лоран Сорисо, попознат како Рис, денеска изјави дека по девет години од терористичкиот напад на весникот „раните сѐ уште не се залечени“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Девет години по нападот на 7 јануари 2015 година, тоа сè уште е присутно (во нашите глави). Раните не се лекуваат и навистина не постои вистинскиот лек. Порано мислев дека некои работи ќе избледат со текот на времето. Всушност, тоа не е така, сè уште е присутно. Така е со сите луѓе што се жртви на тероризам и насилство“, изјави Рис за Франс инфо.

Во тој напад на редакцијата загинаа 12 лица, меѓу кои и познати новинари и карикатуристи. Потоа во Европа се формираше солидарно движење за слобода на изразување, со собири на кои насобраните носеа транспаренти „Je suis Charlie“ (И јас сум Шарли).

На 7 јануари 2015 година браќата Шериф и Саид Куаши упаднаа во редакцијата на сатиричниот весник во Париз, каде убија 12 познати новинари и карикатуристи, извикувајќи дека го „одмаздиле пророкот (Мухамед)“.

Претходно весникот, кој нема „влакна на јазикот“ тврдејќи дека „ништо не му е свето“ и дека сè може да биде предмет на сатира, објави број со карикатура на пророкот Мухамед.

Меѓу жртвите на нападот се и познатите карикатуристи што се потпишуваа со прекарите Каби, Волински, Оноре и Тињу, како и поранешниот директор на редакцијата на весникот Бернар Марис.

Редакцијата на весникот оттогаш е преместена на непозната локација, која наликува на, како што велат самите новинари, бункер, со вооружено обезбедување и решетки на прозорците.

Рис денеска за француските медиуми изјави дека борбата против исламистичката идеологија сѐ уште е присутна.

„Борбата против оваа идеологија е предизвик, бара одлучност, потребно е време. Некои луѓе се склони да прифатат речиси сѐ, поради мрзеливост. Постои самозадоволство“, рече Рис.

Според него, на политичко ниво „има групи што традиционално се фасцинирани од радикализмот, како радикализмот да е политичка програма, а всушност е збор што не значи ништо“.

„Постои фасцинација со деструктивно насилство за да се создадат нови политички услови. Тоа е стар трик што постои на крајната левичарска страна. Постои политичка калкулација, а културолошки, постои фасцинација од политичкото насилство“, рече Рис.

На 7 јануари 2015 година во Франција почнаа бран џихадистички напади, без преседан во таа земја, во кои загинаа вкупно 241 лице.

Десет месеци по јануарскиот напад, во Париз се случи втор, уште поголем терористички напад, на 13 ноември, кога загинаа 130 лица, а повеќе од 350 луѓе беа повредени.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ