петок, 7 февруари 2025

Директори на СОЗР и генерални секретари на владите во „канџите“ на тендерската коруптивност

Двајца поранешни директори на Службата за општи и заеднички работи во Владата на Македонија (СОЗР), во текот на изминатава работна седмица добија кривични пријави и се под истрага за дела за финансиски злоупотреби при извршување на функциите на кои биле именувани, односно злоупотреба на службената положба. Универзитетскиот професорот по управно право, Борче Давитковски укажува дека дел од одговорноста за ваквите случаи на висока корупција е во тоа што органите на управата не ги применуваат членовите 13 и 24 од Законот за управна постапка,  да определат службени лица за јавни набавки. Па така, наместо оперативците, за злоупотреба на службената должност – одговараат функционерите, кои ги потпишале одлуките.

Објавено на

часот

Сподели

Денеска, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) поднесе обвинение против сопственик на градежна компанија и обвинителен предлог против уште четворица други, меѓу кои и поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) Васе Доневски, за злоупотреби поврзани со реконструкцијата на фасадата и илуминацијата на зградата на Владата, во периодот од 2013 до 2016 година. Според обвинителството, со нивните постапки била нанесена значителна штета на државниот буџет, во вредност од над 184 милиони денари. Против Доневски, и во 2018 година, Финансиката полиција имаше поднесено кривична пријава на  поради злоупотреба на службената положба при ангажирање на фирмата Секјуриком за одржување и обезбедување на објектот на Владата.

Два дена претходно, исто така поранешнен директор на СОЗР во периодот од 2021 до 2024, Пеце Мирчески беше приведен во полициската станица, откако Финансиската полиција отвори истрага за сторени кривични дела: примање поткуп, фалсификување службена исправа, проневера во службата и несовесно работење во службата извршени за време додека бил директор. На Мирчевски му е определен притвор до 30 дена, а заедно со него беше уапсен и сопственикот на рент-а-кар сервисот ВИП, кој е опфатен со истата истрага.

Финансиската полиција, која упати и кривична пријава до Обвинителството, во соопштението за истрагата против Мирчевски наведува дека тој „свесно и со умисла, извршил службени дејствија кои што не смеел да ги изврши и потпишал пет договори за јавни набавки со правен субјект од Скопје“.

„Првопријавениот П.М, во својство на службено лице – директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Северна Македонија, во периодот од 09.06.2021 година заклучно со 13.06.2024 година, свесно и со умисла, извршил службени дејствија кои што не смеел да ги изврши и потпишал пет договори за јавни набавки со правен субјект од Скопје, во сопственост и управуван од страна на второпријавениот Г.П, a притоа не го пријавил постоењето на судир на интереси, не се изземал од истите постапки за јавни набавки и во текот на целиот тој период, а и по престанувањето на функцијата директор,  остварувал директна материјална корист за себе и за свое блиско лице од правниот субјект во сопственост и управуван од страна на второпријавениот Г.П. и со таквиот начин на постапување првопријавениот го сторил кривичното дело примање поткуп по член 357 став 1 и став 3 од Кривичниот Законик на Република Северна Македонија, а второпријавениот го сторил кривичното дело давање поткуп по член 358 став 1 од Кривичниот Законик на Република Северна Македонија“, беше наведено во соопштението од Управата за финансиска полиција.

Дополнително, првопријавениот Пеце Мирчевски свесно и со умисла во вкупно пет службени исправи – изјави за непостоење судир на интереси во постапките за претходно наведените јавни набавки, внесувал лажни и невистинити податоци и истите со свој потпис овозможил да бидат употребени како вистинити и со таквиот начин на постапување првопријавениот го сторил кривичното дело фалсификување службена исправа по член 361 став 1 од Кривичниот законик на Македонија. Односно, Мирчевски, во периодот од 1 јануари 2022 до 13 јуни 2024, во повеќе наврати, прикажувајќи невистинити податоци дека се работи за службени патувања за службени потреби и цели, потпишувал барања за резервација на хотелско сместување, барања за резервација на авиобилети, решенија за упатување на службен пат во странство и налози за службен пат во странство…Со тоа овозможил лично за себе, но и за други лица вработени во службата да се стекнат со имотна корист во вид на целиот аранжман за патувањата, дополнитело и со исплатени дневници како за службени патувања, во вкупен износ од 1.792.859 денари, за кој износ го оштетил буџетот.

Меѓу делата за злоупотреба за кои се товари Мирчевски е и тоа што поранешниот директор на СОЗР дозволил една година владиниот авион да биде управуван од пилот, кому му се давала плата како да е капетан. Па така, иако пилотот немал капетанско звање, си наплатил 56 илјади евра за услугите, чијашто исплата ја одобрил Мирчевски.

Актуелните кривични постапки против поранешните директори на СОЗР, го зголемуваат „досието“ на владините функционери обвинети (и осудени) за проневери во службата. Овие случаи, според квалификациите на делата и одговорноста што ја имале сторителите за оперативно функционирање на извршната власт, влегуваат во контекстот на оние за кои беа осудени двајца поранешни генерални секретари на Владата, Драги Рашковски и Мухамед Зеќири.

Во јули, 2023 година, Кривичниот суд во Скопје ја објави пресудата за поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, кој беше осуден на единствена казна од осум години затвор за спорни тендери, набавка на софтвери и исплата на хонорари. За злоупотреба на службената положба, Рашковски е осуден на седум години затвор, а за делото „перење пари“, една година и шест месеци затвор.

Според обвинението за Рашковски, тој во периодот од јуни 2017 година до февруари 2021 година, со умисла, помогнат од двајца надворешни соработници, ги извршил кривичните дела. Тој не ги извршил своите службени должности при спроведување на четири постапки за јавна набавка за Систем за биометриска идентификација, јавна набавка на софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, набавка на стоки – АНПР (ANPR)-камери за препознавање на регистарски таблички за возила и јавна набавка на метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблици.

Случајот со набавката на софтверот од 81.000 евра, кој никогаш не бил ставен во употреба, беше обелоденет на почетокот на март 2021 година. Покрај овој тендер, во летото 2019 година, Рашковски донел уште две одлуки за јавна набавка за работи потребни за софтверот, иако во тоа време сè уште не бил склучен договор за набавката на софтверот.

Наследникот на функцијата на Рашковски, исто така поранешен генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири е осуден на 2,5 години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување и треба да врати повеќе од 71 милион денари (над еден милион евра) во државниот буџет. На Зеќири му се судеше поради договорот со фирмата „Интерхолдинг“ за консултантски услуги за потенцијална приватизација на Пошта и Железници транспорт. Според обвинението, тој направил штета од над 57 милиони денари на државниот буџет.

„Како службено лице презел дејствие со намера за друг да прибави имотна корист. На 4.5.2021 година, без спроведување на јавна постапка, склучил договор со фирмата ‘Интерхолдинг’ на износ од 795 илјади евра без ДДВ, во што со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани кои не се достапни на органите на прогон“, е наведено во пресудата за Зеќири.

Претходно, уште еден генерален секретар на влада, Кирил Божиновски, беше предмет на интерес на истрагите на Специјалното јавно обвинителство.

За универзитетскиот професор по управно право, Борче Давитковски, ваквите повторени дела на злоупотреба на службената положба на високи владини функционери, на кои им се доверени и управуваат со големи финансиски средства од буџетот, претставуваат сериозна симптоматологија за (не)коруптивните ментални капацитети на тие личности. Професорот Давитковски се прашува како овие функционери не извлекле поука од последиците на она што го правеле нивните претходници и практично се впуштиле во своевиден сериски криминал со исти или слични дејствија и одлуки што ги превземале.

„Преочигледно е дека ‘на удар’ за преиспитување и барање одговорност за нивното финансиско работење се оние функционери во владите, кои се одговорни за јавните набавки. Сите јавни набавки за Владата одат, или преку генералните секретари, или преку директорите на СОЗР. Тоа им е овозможено зашто не е обезбедена соодветна транспарентност при јавните набавки. Сите овие случаи на злоупотреба на јавните набавки во Владата, алармираат дека е потребно да се формира посебно тело кое ќе одлучува и службено лице ( на пример – претседател на комисијата), што ќе ја води постапката и ќе ја потпише одлуката. Така нема да има концентрација на моќ во одлучувањето, и ќе се обезбеди транспарентност на процесот. Досега, за јавните набавки одлучуваат и потпишуваат одговорните лица, именувани функционери, кои според природата на нивната функција не би требале да бидат вклучени до тоа ниво на оперативни процеси“, вели професорот Давитковски.

Воедно, професорот Давитковски укажува дека дел од одговорноста за ваквите случаи на висока корупција е во тоа што органите на управата не ги применуваат членовите 13 и 24 од Законот за управна постапка.

„Според членовите 13 и 24 од Законот за управна постапка, сите органи на државната управа имаат должност да определат службено лице за јавни набавки. Иако законот е на сила од 2016 година, речиси ниту една институција не го применува. Според овој закон, оној што ја води постапката за јавна набавка, тој и ги потпишува одлуките. Но се продолжи со практиката, јавните набавки да ги водат и потпишуваат одговорните лица. Секако, поголема е моќта при управување и одлучување за конкретни финансиски средства. И затоа имаме случаи на сериска злоупотреба на службената положба, за кои одговараат функционерите, а не оперативците, т.е. службените лица“, вели професорот Борче Давитковски.

Јасминка Павловска

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ