Во интервју за Бугарското национално радио, Димитров кажа дека нема потреба да се свикува Консултативниот совет за национална безбедност и дека „не треба топката постојано да се префрла од една институција на друга“.
Тој ја обвини Македонија дека Договорот за пријателство и добрососедствцо го смета за формален акт, за влезен билет за ЕУ, а не за солиден политички ангажман. Освен тоа, вели дека не треба да живеат со претставата за лажни сигнали, дека нешто се случува, а резултати нема.
Димитров го критикува и премиерот Кирил Петков за кого вели дека е еуфорично убеден дека сложениот јазол може да се одврзе, а зад тоа се криеле неизвесни дејствија кои создавале притисок во бугарската јавност.
Тој нагласува и дека нема ништо заедничко меѓу бугарската позиција и интересите на Русија, а тезата за тоа е несериозна и непријатна.
„РСМакедонија има државност која е генетски поврзана со Србија и Русија. И не може или не сака да им сврти грб. Затоа се апсурдни тврдењата дека бугарската позиција е во служба на Русија или Србија. Бугарија категорично ја поддржа евроинтеграцијата на Северна Македонија за да ѝ помогне да се тргне од старата југословенска комунистичка орбита. Треба да се внимава на таквите евтини политички мантри кои ја дискредитираат нашата земја“, вели Димитров.