Сликовницата е објавена по повод 100 години од смртта на Франц Кафка. Станува збор за сликовница-омаж на најпознатата анегдота поврзана со Кафка. И покрај тоа што никогаш не е потврдена вистинитоста на случката и покрај тоа што постојат различни толкувања на околностите во кои се случила, со постојаното навраќање кон неа, таа стана неизбежен дел од биографијата на Кафка. Приказната во новата сликовница е дело на Александар Русјаков, за кого ова претставува свечено претставување во светот на литературата за деца на македонски јазик.
Русјаков, кој е попознат како автор за возрасни, изрази задоволство што имал можност да пишува за деца.
„Досега немам ништо напишано за деца, а тоа беше нешто што отсекогаш ми недостигаше. За мене најлесно е да пишувам книги, бидејќи сѐ друго во животот ми е тешко. Можам да пишувам што било за возрасни, но не бев сигурен дали ќе можам да напишам нешто за деца. Литературата за деца отсекогаш сум ја гледал како нешто најтешко, затоа што децата не можеш да ги излажеш. Тие примаат сѐ веднаш со срце и го доживуваат како вистина или лага. Не ми е важно што ќе кажат возрасните, туку што ќе мислат децата за книгата! Како писател, отсекогаш ми било предизвик да напишам дело за деца. Имав обиди кои завршуваа недовршени. Понудата од „Арс ламина“ да ја напишам оваа сликовница ја прифатив без размислување и бев среќен што ја создадов, иако не е моја оригинална приказна. Се држам до наративот што се претпоставува дека го измислил Кафка. Во оваа анегдота, Кафка е малку едноставен за доживување, многу точен и прекрасен, но носи и мистична атмосфера, која ја има во неговите дела. Беше предизвик да го оттргнам Кафка од неговите мрачни светови и да го внесам во еден сосема поинаков свет, иако и таму постои темнина – луѓето меѓусебно не комуницираат. Поентата на сликовницата е дека љубовта не исчезнува, таа секогаш се враќа во нова форма. Со оваа мисла Кафка ја дава суштината на приказната, но и на животот. Сѐ што нѐ опкружува е создадено од љубов и љубовта не се менува, ниту во смрт. Ако љубовта исчезне, тогаш знајте дека тоа не е љубов“, изјави Русјаков.
Уредничката на книгата, Бисера Бендевска, истакна дека анегдотата за Кафка и изгубената кукла е еден од литературните митови што, иако не се потврдени како историски факти, добиле свој сопствен живот и се вкорениле длабоко во колективната имагинација:
„Според некои сведочења, оваа анегдота ја актуализирала последната партнерка на Кафка, Дора Дијамант, и се случила во 1923 година, една година пред неговата смрт. Оваа анегдота го претставува Кафка како човек кој не сме го запознале преку неговите објавени дела, полн со нежност и сочувствителност. Самата анегдота за изгубената кукла сведочи за силата на раскажувањето, при што приказната, иако не ја враќа куклата, ја враќа надежта. Таа е пример за метафикција, раскажувајќи за самото раскажување и неговото значење во човечкото искуство“.
На промоцијата во улога на девојчето од книгата беше младата Ива Мановска, која прочита делови од сликовницата.
Книгата е понудена и во специјално, ограничено пакување во форма на плик, со восочен печат. Во пликот, покрај сликовницата, има и шест разгледници од местата каде што патува куклата. Со ова се потсетуваме на една заборавена, но убава практика – да се праќаат писма и разгледници за време на патувањата.
Денеска програмата на „Денови на литературата“ продолжува со работилница за деца инспирирана од сликовницата „Колку е часот?“ со авторот на текстот и илустрациите Тодор Трајковски. На работилницата, која ќе почне во 18 часот во „Литература.мк“ во „Скопје сити мол“, децата, со помош на авторот, ќе научат да го читаат времето, односно – да ги читаат часовниците. Ќе има и вежби за поврзување и изедначување на механичките и дигиталните часовници, зашто, да се научи да се чита времето значи и спријателување со сите видови часовници одеднаш. Книгата почнува со преглед на најразличните часовници околу нас, џебниот, рачниот, механичкиот, дигиталниот, уличниот, ѕидниот, часовникот за на шкафче… потоа го внесува ликот на Чаки Часовникот, новото другарче на читателите, со чијашто придружба првин се осознава часовникот како направа, сосе неговите делови, потоа се осознава и концептот на времето, на должината, на траењето на секојдневните нешта и активности.
Серијалот книжевни промоции продолжува утре во 19 часот во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, со промоција на новата есеистичка книга „Дом во тишина“ на Никола Маџиров. Промотори на книгата ќе бидат Оливера Ќорвезироска и Владимир Јанковски. Првата есеистичка книга на еден од најпознатите и најпреведувани македонски писатели во светот, на едно место ги собира сите есеи објавувани најчесто во превод, на други јазици, но не и на оригиналниот, на јазикот на којшто се напишани. „Дом во тишина“ е своевидно враќање дома на Никола Маџиров, во својот јазик. Изданието содржи триесетина есеи распоредени во три тематизирани циклуси именувани само со супстантивизирани придавки: Бездомни, Современи и Епистоларни. „Дом во тишина“ е многу значајна книга за современата македонска книжевност. Во „Дом во тишина“ се најдоа сите есеи на Маџиров претходно публикувани во светот, на други јазици, но и сосем нови.