Од владината прес-служба информираа дека на седницата ќе биде разгледано мислењето доставено од Министерството за правда, по што согласно законските обврски, истото ќе се достави до Советот на јавни обвинители.
„Како влада ќе продолжиме да преземаме активности кои се во насока на подобрување на функционирањето на правосудниот систем“, информираа од прес службата на владата.
Министерството за правда верува дека Коцевски треба да биде разрешен заради како што наведуваат, низа скандали, нарушена функционалност, корупција и нарушени меѓучовечки односи во Јавното обвинителството. Имало и сомнежи за пристрасно постапување и судир на интереси во предмети за кои тој не се изземал.
Министерството за правда (МП), постапувајќи по заклучокот од 50-та седница на Владата одржана на 11 февруари подготви мислење за предлог разрешување на државниот јавен обвинител кое го достави до Владата за натамошно процесуирање согласно Законот за Јавното обвинителство и Уставот на Македонија.
Владата денеска ќе ги разгледа сите можности за ограничување на цените на одредени производи. Министерството за економија и труд примило предлози од трговците за ограничување на маржи и намалување на цените на основни прехранбени производи.
Стопанската комора на трговци доставила предлози за ефективни мерки за намалување на цените, по одржан состанок во петокот со Министерството за економија и труд. Трговците побарале намалување на цените на 100 до 200 основни производи, бидејќи првичната формула со 1.000 производи не донела значително намалување.