Со пригодна богослужба за помен на мртвите чиночествуваше архиепископот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија Г.Г. Стефан.
Делегација на СДСМ во состав Вангел Андрески организационен секретар на СДСМ, Рената Јајоска, членка на ИО на СДСМ и Радица Андоноска од СДММ положи цвеќе и оддаде почит на вечното почивалиште на македонскиот великан Гоце Делчев. „И по 120 години од неговата смрт, делата на херојот и револуционер Делчев остануваат трајни вредности во македонската државност и мотив за еднаквост и слобода на сите сегашни и идни генерации“, наведоа од оваа делегација.
По положувањето на цвеќе од делегацијата на Демократскиот сојуз предводена од претседателот Павле Трајанов, партијата соопшти дека одбележувањето на 120 години од смртта на Гоце Делчев помина мирно и достоинствено, без провокации и револт на граѓаните, од причина што овојпат се напушти заедничко одбележување на вакви настани со Бугарија.
„Демократскиот сојуз е против заедничко чествување на македонски револуционери и одбележување други историски настани со Бугарија, но не сме против тие самостојно да ги одбележуваат. Гоце Делчев е во генот на секој Македонец и преку одбележување на неговата револуционерна дејност се јакне националната свест кај младите генерации“, се вели во соопштението на Демократскиот сојуз..