„Најмладиот од повредените има само 10 години, а најстариот 17 години. Овие податоци не се само загрижувачки, туку алармантни. Децата, нашата најранлива категорија, стануваат жртви на опасни игри кои се пласираат преку социјалните мрежи. Тие содржини, под маската на ‘забава’, претставуваат сериозна закана за нивното физичко и ментално здравје, а ние како општество мора да преземеме одговорност и да ги спречиме ваквите несреќи. Немањето соодветна контрола врз содржините кои се достапни на социјалните мрежи овозможува ваквите ‘игри’ да стигнат до најранливите корисници. Ова е директен удар врз нашата колективна одговорност како политички партии, како родители, како институции, но и генерално, како општество. ЛДП потсетува на предлогот кој минатата година го достави до Министерството за образование и наука непосредно по немилите настани во соседна Србија, а со кој се бара контрола на содржината која се емитува на социјалните мрежи, како и забрана на содржините кои поттикнуваат насилство. Затоа, бараме итно регулирање на содржините на социјалните мрежи со воведување на мерки за забрана на оние кои поттикнуваат насилство и саморазорувачко однесување, зголемување на надзорот и воведување санкции за платформи кои овозможуваат опасни содржини достапни за малолетници“, се вели во реакцијата на ЛДП.
Оттаму додаваат дека е време е да се освестиме како општество и да не дозволиме уште едно дете да биде жртва на вакви опасни игри. Нашите најмлади заслужуваат детство исполнето со радост, а не со страв и последици од несреќни трендови.
Предизвикот е еден да скокне со испружена рака како стрип-ликот Супермен и групата го фаќа и го фрла „предизвиканото“ момче или девојче во висина.
Кога детето ќе скокне врз групата деца, тие или ќе го фатат или не. Од видеата што кружат по социјалните мрежи најчесто се гледа дека групата се трга настрана и детето паѓа директно на бетонот. Лекарите велат дека ваквите предизвици се многу опасни и повредите може да бидат со многу потешки последици за здравјето на децата.
Еден од овие случаи е дел и од билтенот на МВР: „Во СВР Скопје Ф.Д. (32) од село Пакошево, Општина Зелениково, пријавил дека по завршување на часовите, во близина на основното училиште во село Зелениково, Скопско, неговиот осумгодишен син добил тешка телесна повреда при игра со соучениците. Повредата е констатирана во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ во Скопје. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје и се работи на расчистување на случајот“.