Во поткастот беше истакнато дека името на проф. д-р Кикеркова е поврзано со почетоците на вклучувањето на компаниите во реализацијата на практичната настава во високото образование, значајно за добивање стручни знаења и практични вештини кај студентите. Во разговорот проф. Кикеркова истакна дека на почетокот соработката била едвај видлива, а Стопанската комора била меѓу првите која, покрај банките и Царинската управа, ги отворила вратите и им овозможила на студентите да реализираат практична настава, со што се здобиле со солидни знаења за надворешната трговија, но и на професорите бидејќи имале можност да учат директно од стопанствениците и да се запознаат со нивните проблеми, што им помогнало во редизајнирањето на студиските програми.
„Во еден период кога фирмите беа исклучително затворени за примање студенти на практична работа, што беше законска обврска за високото образование, мака мачевме со огромниот број студенти. Банките нешто прифаќаа, Царинската управа многу ни помогна, таа е наш долгогодишен партнер, а Стопанската комора широко ги отвори вратите, па затоа сме имале многу студенти од Катедрата за надворешна трговија кои кај вас, на практична работа, не само што ја исполниле законската обврска туку биле полни со впечатоци од работите што ги научиле бидејќи учеле директно од стопанствениците“, истакна Кикеркова.
Кикеркова прави паралела со дуалното образование во средните училишта и смета дека, наспроти резултатите постигнати во средното образование преку системско и институционално уредување на дуалното образование, во кое Комората даде најголем придонес, во високото образование соработката со бизнисот е сè уште недоволна и на пониско ниво, а реализацијата на практичната настава е сведена на формалност. Според неа, недостигот на практично искуство кај студентите е еден негативен аспект во високото образование.
За истражувачките активности, за унапредувањето на науката во интерес на бизнисот и за соработката што ја имаат со бизнисот зборуваше професорот Лазаров. Тој истакна дека соработката меѓу бизнисот и науката била традиција во минатото и дека денес мора да се вратиме на тие корени. Направи паралела со светските универзитети, на кои, покрај креирањето висококвалитетен кадар, мисијата е и испорака на научноистражувачки услуги кон бизнисот, а големите компании, за возврат, инвестираат во отворање лаборатории и научни капацитети.
„Сведоци сме на тоа дека во изминатиот период Македонија заостануваше во делот на градењето таков иновациски екосистем на поврзување на науката со бизнисот бидејќи бизнисот има потреба од науката за решавање одредени проблеми во производството и во другите деловни процеси базирани на научни сознанија и факти. Во наредниот период, таа структурна трансформација на македонската економија и пренасочувањето кон сектори со поголема додадена вредност, односно кон производство на нови производи и услуги мора да бидат со активна вклученост на науката и на научноистражувачките аспекти. Од аспект на вложувањата во науката и во истражувањето, ние сме на дното во Европа не само од аспект на јавните вложувања и на издвојувањето јавни средства од буџетот за науката, туку и од аспект на издвојувањето јавни средства од бизнисот за науката“, истакна Лазаров.
Според него, само со поврзување на бизнисот и науката има можност за трансформација на македонската економија во позитивна насока.
Во продолжение на поткастот Кикеркова зборуваше за еден од апсурдите на нашата држава, а тоа е увозот на работна сила. Вели дека не познава друга земја која толку малку го цени својот одличен кадар и не му дава никаква можност за вработување, а со тоа ги поттикнува нашите најдобри потенцијали да ја напуштат државата. Во услови кога понудата е помала од побарувачката и кога младите ја напуштаат земјата, проф. Кикеркова смета дека е потребно подобрување на условите за работа и зголемување на заработувачката. Според неа, ако стопанствениците не го сфатат бргу ова, проблемот ќе се продлабочува на штета на македонската економија.