недела, 20 октомври 2024

Даниел Нобоа, наследникот на империјата на банани, стана најмладиот еквадорски претседател

Бизнисменот, кој е наследник на империјата на банани, Даниел Нобоа ќе стане најмладиот претседател во историјата на Еквадор.

Објавено на

часот

Сподели

35-годишниот Нобоа победи на изборите во неделата со 52,3 отсто од гласовите, пред својата левичарска ривалка Луиза Гонзалес која доби 47,7 отсто. Таа го призна поразот и му честиташе на Нобоа.

Овој 35-годишник од партијата Национална демократска акција е син на Алваро Нобоа, кој пет пати неуспешно се кандидираше за претседател. Нобоа ќе биде на функцијата само 17 месеци до следните избори. Тој ќе биде на власт од крајот на ноември 2023 година до мај 2025 година, поради фактот што актуелните избори се предвреме предизвикани кога претседателот во заминување Гиљермо Ласо го распушти парламентот.

Нобоа, кој се занимава со производство на банани и чие семејство се збогати благодарение на бизнисот со банани, ќе положи заклетва како претседател на 25 ноември, пет дена пред неговиот 36-ти роденден.

Нобоа вети дека ќе привлече странски инвестиции, ќе создаде работни места за младите, а опасни криминалци ќе смести на затворските бродови.

Кампањата пред изборите во неделата беше спроведена во сенка на смртта на претседателскиот кандидат Фернандо Вилависенсио, кој беше убиен на 9 август за време на митинг во Кито. Владата го обвини организираниот криминал за неговото убиство.

Еквадор е транзитна земја за шверц на кокаин, а криминалните организации се борат за рутите преку кои минува дрогата.

Првиот круг од претседателските избори се одржа на 20 август, кога Гонзалес заврши на првото место со 33,6 отсто од гласовите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ