Дамева денеска изјави дека засега нема став дали ќе поднесе оставка.
„Ќе го изградам својот став, и тогаш на јавноста ќе и биде соопштено. Нема да остане јавноста без мое произнесување, оставката е личен чин и се поднесува оставка само во случај кога постојат оправдани причини за тоа“, вели Дамева.
Пред да биде избрана за членка на Судскиот совет, Дамева беше стручен соработник во Основниот кривичен суд Скопје.
Членката на Судскиот совет Татјана Чачарова-Илиевска ја примила интерпелацијата и најави дека ќе одговори на истата. Таа нема конкретен одговор дали ќе понесе оставка, бидејќи, како што изјави денеска, интерпелацијата не го наложува тоа, но доколку се изгласа недоверба тоа ќе значи дека тие кои ја избрале веќе не сметаат дека треба да биде дел од највисокото судско тело.
„Ја примив интерпелцијата вчера, за став не сум подготвена сега. Ја прочитав, но немав можности за добро да ја разгледам. Тоа што ми падна во очи дека тоа не е за интерпелација на Татјана Чачарова-Илиевска на Судскиот совет, него упатува за интерпелација на Судскиот совет. Упатува на колективна одговорност. Јас кажувам дека одговорноста мора да биде индивидуална иако Судскиот совет е колективно тело. Ние сите гласаме, и зависно на секој засебен глас се носи одлуката“, рече Чачарова-Илиевска.
При назначувањето на Чачарова-Илиевска, тогашниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, реагираше дека таа е финансиер на СДСМ, советник на Заев и владин член на бордот на Телеком.
Според деловникот на Собранието, членовите на Судскиот освет за кои е поднесена интерпелација имаат рок од 15 дена да поднесат писмен одговор, по што интерпелацијата мора да биде ставена на дневен ред на првата пленарна седница. Очекувањата се дека дебатата ќе се одржи на почетокот на март.
Интерпелациите беа иницирани откако Собранието го одби годишниот извештај за работата на Судскиот совет. Во образложението се наведува дека членовите не ги исполниле своите обврски, го нарушиле угледот на судиите и ја загубиле довербата на граѓаните во правниот систем.
Членови на Судскиот совет избрани од Собранието се Весна Дамева, Татјана Чачарова Илиевска, Павлина Црвенковска, Миљазим Мустафа и Селим Адеми.