Македонските ракометари ги повторија истите грешки, имавме многу загубени топки, а Германците тоа не го пропуштија и ја полнеа нашата мрежа.
„Се сложувам дека ни се повторуваат истите работи како од мечот со Франција. Имавме многу лесно продадени топки во напад. Ако ништо друго сега барем имаше пожртвуваност и борбеност во одредени моменти. Мислам дека имаме проблем при игра ‘шест на шест’ со вакви репрезентации, многу лесно ги губиме топките и одиме кон пасивна игра. Со толку топки дадени во нивна рака и со таква игра не можете да ѝ парирате на една Германија. Иако на моменти париравме и дадовме сè од себе, сепак потрошивме сила и против Германија и против Франција, а на крајот резултатот е таков каков што е. Можеби имавме шанси за подобар скор во двата натпревари, но во овој момент двата противници се класа подобри од нас“, вели Лазаров.
Утре од 18 часот играме против селекцијата на Швајцарија која ни е шанса да оствариме подобар резултат и да не го напуштиме првенството без победа.
„Ако имаме шанса против некого да се бориме за победа, тогаш тоа треба да биде Швајцарија. Треба да ги средиме главите, да одмориме и утре да го подготвиме мечот и потоа да го дадеме нашето најдобро. Само така ќе се бориме за позитивен резултат со Швајцарија. Тие изненадија против Франција и извлекоа реми откако потфрлија против Германија. Јас верувам во изненадувања и победи без разлика со кого играме, но мора да веруваме во тоа што го работиме. Ние сме репрезентативци, ова е нашето најдобро од Македонија. Не сме тим или клуб. Мислам дека имаме квалитет и сила, ќе се обидеме да се прикажеме во позитивно светло“, кажа селекторот на Македонија.
Од Берлин за МКД.мк
Ристе Ѓорѓиевски