Како што информираат од Црвениот крст, понудени се волонтери и тимови за соодветна интервенција кои во зависност од потребите веднаш ќе бидат ставени во функција.
„Сите заинтересирани правни субјекти и граѓани можат да донираат парична помош на сметката на Фондот на солидарноста на Црвениот крст на РСМ: 300000001327966, даночен број: 4030984271620 АД Комерцијална банка со назнака: помош за настраданото население во Словенија, како и да се донираат 100 денари со повик на телефонските броеви 143 400 на Македонски Телеком и А1“, информираа од Црвен крст.
Во Делчево за утре е најавена хуманитарна акција за помош на загрозените од поплавите во Словенија. Акцијата се реализира во заедничка координација на неколку установи, а истата ќе се спроведе во просториите на делчевското училиште „Св. Климент Охридски“.
„Во рамки на хуманитарната акција ќе се собираат средства за лична хигиена и парични средства за ученици од поплавените подрачја во Словенија. Акцијата се реализира на иницијатива на ученици од двете деветолетки „Св. Климент Охридски“ и „Ванчо Прке“, а во соработка со Организацијата на Црвен крст Делчево и Територијалната противпожарна единица“, информираа организаторите.
Акцијата како што додадоа ќе се спроведе во периодот од 9 до 12 часот.
„Ги повикуваме учениците, наставниците, граѓаните и правните субјекти да се приклучат кон нашата хуманитарна акција која ќе биде организирана во ООУ „Св. Климент Охридски“ Делчево на 9 август во период од 9 до 12 часот“, додадоа организаторите.
По завршување на акцијата група на ученици од двете основни училишта, придружувани од претставници на ТППЕ Делчево во четврток заминуваат на неколку дневен камп во Словенија.