Вечерва имаше дежурни пожарникари во струмичкото село Сушево, а од утрово веќе неколку часа се на терен струмичките и радовишките пожарникари. Вчера во гасненњето на пожарите учествуваа пожарникарите од ТППЕ Струмица со 4 ПП возила и 20 пожарникари, од ТППЕ Радовиш со 5 пожарникари и 2 ПП возила и околу 25 полицајци, а целодневно дејствуваа двата хеликоптера на МВР и се одбранија селата во тој регион.
Од пожарот зад населбата Варош во Општина Прилеп активен е крак што се движи кон манастирот Траскавец, но нема опасност за населените места. Во текот на изминатиот ден интервенирале 15 пожарникари со 5 ПП возила од ТППЕ Прилеп и една цистерна од ЈП Комуналец Прилеп. Во моментов на терен се ТППЕ Прилеп со 1 ПП возило и 5 пожарникари. Градоначалникот на Општина Прилеп утрово побарал воздухопловна поддршка.
Во последното деноноќие целосно се изгаснати шест пожари на отворено во општините: Неготино, Виница, Берово, Гостивар и Шуто Оризари.
УХМР најави дека во текот на ноќта ќе има локална појава на невреме со пороен дожд, грмежи, силен ветер и град.