петок, 22 ноември 2024

ЦГК: Нетранспарентни продажби на државно градежно земјиште од општините

Центарот за граѓански комуникации го објави истражувањето „Недоволна транспарентност и ниски цени при продажбата на државно градежно земјиште“ кое открива дека oпштините не ги информираат граѓаните за реализираните продажби на државно градежно земјиште.

Објавено на

часот

Сподели

„Општините ги објавуваат одлуките за отуѓување на државно градежно земјиште само во Службен весник на РСМ. Но, ниту една од мониторираните општини не презема други активности за информирање на граѓаните, односно донесените одлуки за продажба на земјиште и склучените договори со купувачите не ги објавуваат ниту на своите веб-страници. Нетранспарентноста оди дотаму што дел од општините не ги доставија склучените договори ниту преку барање за пристап до информации од јавен карактер. На овој начин се оневозможува информираност на граѓаните и се зголемува ризикот од злоупотреби“,се наведува во Извештајот.

Според истражувањето, цената за еден метар квадратен државно земјиште во изминатите пет години се движела од 71 до 18 400 денари (од 1,2 до 299 евра), а просечно, во постапките за продажба на државно градежно земјиште учествувале по четири потенцијални купувачи.

„Имајќи го ова предвид, на општините им се препорачува да ги објавуваат одлуките за отуѓување на градежно земјиште во сопственост на државата на своите веб-страници, исто така и склучените договори со купувачите на државното земјиште. На овој начин ќе се овозможи поголем увид на граѓаните и навреме ќе може да се укаже на евентуални незаконитости во процесот“, велат од Центарот.

Нагласуваат и дека зголемувањето на транспарентноста на целиот процес на продажба на државното градежно земјиште треба да придонесе за зголемување на довербата на граѓаните во процесот и, воопшто, во секторот градежништво, каде што изминатите декади се наталожија сериозни проблеми и овој сектор стана еден од најподложните на корупција.

Истражувањето е изготвено во рамки на проектот „Заштита од корупција“ со финансиска помош од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, имплементиран од Центарот за граѓански комуникации, во периодот од 1 ноември 2021 година до 31 октомври 2024 година.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ