Синдикална кошничка наспроти статистиката
Според документот „Разлика во цени – декември 2024 со јануари 2025“ на ССМ, некои производи бележат значителен раст, додека други остануваат стабилни.
Најголеми поскапувања (декември 2024 – јануари 2025) има кај: нескафе лименка (200гр) – 365 денари → 544 денари (+49%); краставици (1 кг) – 75 денари → 119 денари (+44%); спанаќ (650 гр) – 59 денари → 89 денари (+30%); oцет (500 мл) – 79 денари → 85 денари (+7%)…
Има и производи со намалени цени како што се овчото сирење (580 гр) – 350 денари → 287 денари (-18%); доматите (1 кг) – 129 денари → 119 денари (-8%); зелката (2 кг) – 119 денари → 95 денари (-20%); пилешко месо (1,5 кг) – 359 денари → 329 денари (-8%); joгурт (1 кг) – 89 → 73 денари (-18%)…
Според синдикалната кошничка на ССМ, нема никакво зголемување на цените кај млечните производи во јануари, во споредба со декември лани, така цената на млекото, во декември 2024 и во јануари 2025 година (заклучно со 20 јануари) е останата на 67 денари. Непроменета е цената и на други основни прехранбени производи, како брашно, тестенини, шеќер, сол, масло за јадење и кафе.
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека општата инфлација за декември 2024 – јануари 2025 изнесува 0,3 проценти. Цените на храната во текот на 2024 година се зголемени за 5,6 проценти. Индексот на трошоците на животот бележи раст од 3,5 проценти на годишно ниво. Ова покажува дека цените растат како резултат на глобален економски тренд, а не на локални политики или профитирање на трговците.
Причини за зголемувањето на цените
Цените на храната во Македонија се зголемуваат, но не толку драматично како што се претставува во одредени извештаи. Најголемите причини за покачувањето се глобални економски фактори, сезонски трендови и логистички проблеми.
Цените на енергенсите (струја, гориво) се покачени, што влијае врз цената на производството и транспортот. Тука се повисоките цени на суровини, како жито, млеко и шеќер, кои зависат од глобалниот пазар. Растечки цени на добиточната храна влијаат врз млечните производи и месото. Прекините во транспортот и зголемени трошоци за увоз ги зголемуваат цените на производите кои не се домашно произведени. А тука се и факторите во зависност од сезоната, односно зимските месеци значат намалена локална понуда на овошје и зеленчук, што ја зголемува нивната цена.
Во креирањето на цените во последниве години големо влијание имаа и државните мерки и препораки. За потсетување, во јули 2022 година, во екот на растот на цените на енергијата, првпат беше иницирана државна мерка. Тогашното Министерство за економија најави субвенционирана цена на струјата за по 100 до 120 евра по мегават час, а во тој момент цената во Србија беше 95 евра. Стопанствениците со огромно задоволство ја примија таа вест, со оглед на фактот дека во тој момент цените надминуваа 500 евра, а прогнозите од берзите на струја покажаа потенцијален раст на цената до цели 800 евра. Тогаш направените анализи покажаа дека доколку во тој момент на стопанството му биде дадена преференцијална цена, постои простор за намалување на цените на одредени прехранбени производи до 10%. Најавената бенефицирана цена се одобри дури кон крајот на годината. Во тој момент веќе и меѓународните цени на струјата беа смирени и разликата меѓу преферираната цена од 120 евра и берзанската беше многу помала отколку во пикот, во летото 2022 година. Па ваквото одолговлекување на одлуката го намали просторот за намалување на цените – далеку од споменатите 10%.
Во тој период домашното стопанство ги забележа најголемите загуби одржувајќи производство по астрономски високи цени на енергенси и суровини. Намалувањето од 10% како проекција на бенефицирана цена на струјата, не беше веќе реално ни возможно. Таа мерка дојде како државна одлука со која цените беа замрзнати на минус 10% од моменталните. Со овој преседан почна праксата на донесување мерки, без разлика на економските последици, особено по домашните производители на храна.
Различни производи со различен одговор на растот на цената
Факт е дека некои производи бележат значително зголемување на цените, особено зеленчукот и увезените производи. Официјалните податоци од Државниот завод за статистика покажуваат умерен раст на цените (5,6%), што е во рамките на глобалниот тренд. Синдикалната кошница пак вклучува производи што не се неопходни за секое домаќинство.
Според последните податоци на ДЗС, лани во декември, продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар се пониски за 0,1 % на месечно ниво, а повисоки за 5,3 % на годишно ниво. Забележано е и намалување на цените на производите за широка потрошувачка. Така, во декември 2024 година, во споредба со ноември 2024 година, продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар се пониски во групите Трајни производи за широка потрошувачка за 1,9 % и Енергија за 0,9 %.
Многу често при компаративното споредување на нашите цени со оние во Германија, Австрија, Бугарија… се доаѓа до заклучокот дека се пониски отколку во Македонија. Притоа се занемарува фактот дека меѓу тие земји не постои царинска заштита, а увозните царини за некои прехранбени производи и влезни суровини во Македонија достигнуваат и до 65% (доматите на пример). Превозот од Германија до тука може да чини и по 4.000 евра по камион.
Проблемот со цените треба да се реши долгорочно, односно да се направи стратегија за да имаме поголемо производство на суровини и да не бидеме зависни од увоз. Додека сме зависни од увоз ќе имаме ценовни шокови како што има цел регион бидејќи зависиме од некој друг, предупредуваат експертите.
Р.М.