недела, 23 февруари 2025

„Бугарска памет“ против Македонците од дијаспората, тврдат дека ММДЧП шират клевети за фондацијата

Фондацијата „Бугарска памет“ категорично ги отфрла сите клеветнички наводи на Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) кои немаат врска со реалноста, се наведува во дел од реакцијата на бугарската фондација откако ММДЧП ја обвини „Бугарска памет“ дека „изградила криминална организација во нејзините обиди за насилна асимилација на Македонците во Албанија, да ги фалсификува резултатите од пописот и да учествува во незаконски активности поврзани со бугарски пасоши и издавање лажни потврди“.

Фото: Архива/Македонци од Мала Преспа

Објавено на

часот

Сподели

Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) завчера објави дека ќе ги покрие трошоците за одбрана на Македонската aлијанса за eвропска интеграција (МАЕИ), политичката партија која ги застапува правата на Македонците во Албанија, а која е тужена од страна на бугарска ултра-националистичка организација „Бугарска памет“. Од ММДЧП ќе ги покријат и трошоците за тужбата што МАЕИ планира да ја поднесе против бугарската фондација, како и тужбите против сите кои го напаѓаат македонското малцинство во Албанија.

Според фондацијата тоа е „уште еден груб обид да се оцрни доброто име на нашата организација и имаат за цел да ги поткопаат нашите напори за продуктивно разбирање и соработка во регионот на Мала Преспа во Албанија“.

„Овие клеветнички наводи, се разбира, немаат врска со реалноста! Тие претставуваат уште еден груб обид да се оцрни доброто име на нашата организација и имаат за цел да ги поткопаат нашите напори за продуктивно разбирање и соработка во регионот на Мала Преспа во Албанија. Ваквите хибридни, дезинформациски ‘изјави’ ја оддалечуваат Северна Македонија од бараниот европски имиџ и исто така имаат улога во оддалечувањето на Албанија и Северна Македонија од процесот на европска интеграција“, се наведува во соопштението на фондацијата.

Од фондацијата „Бугарска памет“ велат дека имаат доволен број европски признанија за своите активности, а нејзиниот претседател Милен Врабевски, е носител на највисокото признание на Европскиот парламент – наградата „Европски граѓанин на годината 2013“ заради финансираните од него проекти за прекугранична соработка меѓу Бугарија и Македонија.

„Сите наши иницијативи не само што ги следат строго законите во Бугарија и меѓународните норми, туку и ја имаат поддршката на бугарските институции. Обидите да бидеме вовлечени во конфликти и ширење омраза меѓу етничките групи не само што се неодговорни, туку и се штетни за регионалната стабилност и соработка. Со оглед на сериозноста на клеветничките наводи на ММДЧП, фондацијата Бугарска памет ќе ги преземе сите законски мерки за заштита на својот углед против секоја организација или физичко лице кое шири слични лаги“, велат од фондацијата.

„Организацијата која што ја тужи МАЕИ е таканаречената фондација ‘Бугарска меморија’, која изгради криминална структура со цел присилино да ги асимилира Македонците во Албанија, да ги фалсификува резултатите од пописот, да учествува во нелегални активности во врска со бугарските пасоши и да издава лажни потврди за бугарско потекло“, наведоа од ММДЧП.

Бугарската фондација ја тужи МАЕИ во Албанија за клевета. Судската расправа што требаше да се одржи на 18 февруари е одложена за 8 април.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ