четврток, 23 јануари 2025

Бугарија воведе данок на рускиот гас, загрозено е снабдувањето

Бугарија воведе данок на рускиот природен гас кој се испорачува преку нејзината територија во Европската Унија, според закон објавен на официјалниот сајт на парламентот.

Објавено на

часот

Сподели

Новиот указ стапува на сила веднаш и воведува такса од 20 бугарски лева (10,76 долари) по мегават час, на рускиот природен гас кој транзитира низ таа земја.

Надоместот изнесува околу 20 отсто од актуелната цена во јазолот Тајтл трансфер фасилити (ТТФ) во Холандија, европскиот стандард за оваа стока.

Рускиот енергетски гигант Газпром до 2022 година беше еден од клучните снабдувачи на Бугарија со гас од гасоводи. Меѓутоа, откако бугарските власти одбија да го плаќаат горивото во рубли, директниот извоз во балканската земја е сопрен.

Иако Бугарија повеќе не увезува гас од Русија за домашна употреба, таа остана една од ретките рути за негова испорака во ЕУ откако тековите се намалија поради санкциите против Москва поради конфликтот во Украина и саботажата на гасоводот Северен тек. Според проценките на Блумберг, околу половина од рускиот гас од гасоводи наменет за ЕУ во моментов оди преку Бугарија, влегувајќи преку гасоводот Турски тек.

Експертите предупредуваат дека новиот бугарски потег би можел да го загрози снабдувањето на низа земји од јужна Европа, вклучувајќи ги Унгарија и Србија, кои и понатаму зависат од Русија за повеќето свои потреби за гас. Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто ја нарече таа мерка неприфатлива.

„Се чини дека постојат нови обиди да се загрози безбедноста на снабдувањето на Унгарија со енергенси и унгарско-руската енергетска соработка, вклучувајќи го транспортот на природен гас, да се оневозможи… Држава членка на Европската Унија да го загрозува снабдувањето со гас на друга членка на ЕУ е спротивно на европската солидарност, правилата и е неприфатливо“, кажа Сијарто на Руската енергетска недела во Москва.

Тој истакна дека и Унгарија и Србија веќе преземаат чекори за да обезбедат Бугарија да не може да ги применува законите на својот увоз на гас.

Газпром не го коментираше развојот на настаните, ниту одговори на барањата на медиумите да реагира.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ